Ѓоковиќ се уште има траума од Австралија


Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ немаше најдобар старт на годината, кој изненадувачки беше поразен од Рајли Опелка во четвртфиналето на турнирот во Бризбејн, но сепак е еден од главните фаворити за победа на Австралија опен.

Турнирот во Мелбурн му е омилен, таму дури по 11-ти пат ја освои шампионската титула, без разлика што со него се поврзуваат некои од најнемилите настани во кариерата.

Токму за ова зборуваше тенисерот во интервју за локалните медиуми и откри дека сè уште се сеќава на тортурата што ја доживеал при влегувањето во Австралија во 2022 година за време на пандемијата на коронавирус, кога беше приведен, а потоа депортиран од оваа земја.

-Нема да ве лажам, сè уште сум трауматизиран од се што ми се случи. Кога ќе поминам низ пасошка контрола на аеродромот во Мелбурн, сето тоа ми се враќа и не ми е удобно. Тоа беше многу лошо искуство за мене. Јас не сум некој што ќе покажува со прст кон некого и ќе го обвини за тоа што ми се случи. Не, сето тоа го оставив на страна, но само велам дека не ми е удобно кога поминувам низ тие места, ми поминува низ глава дека повторно ќе дојде некој да ме спречи да влезам. Јас и моето семејство после тоа се вративме во Австралија, освоив нова титула во Мелбурн и можам да играм на овој турнир, изјави Ѓоковиќ.