Ѓоковиќ прв носител на Вимблдон


Aнглија– Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе биде прв носител на претстојниот грен слем турнир Вимблдон. Србинот го обезбеди тоа право како бранител на титулата, иако од понеделникот не е најдобар во светот.

Ѓоковиќ падна на третото место зад Русинот Данило Медведев и Германецот Александар Зверев. Двајцата најдобри на ВТА листата нема да учествуваат на Вимблдон, Зверев се откажа поради повреда, а Медведев не може поради суспензијата на руските и белоруските тенисери. Така втор носител ќе биде Шпанецот Рафаел Надал , а средбата со Ѓоковиќ е можна само во финалето.

Вимблдон се одржува од 27 јуни до 10 јули во Лондон,.

Ноле е прв кандидат за освојување на тенискиот грен слем во Лондон, успех кој доколку го изведе, повеќе од веројатно ќе биде последен голем за него оваа година.

Србинот не настапи во Австралија поради тоа што беше протеран од државата, во Париз загуби во четвртфиналето од Рафаел Надал, а како што јавува „Њујорк Тајмс“, нема да смее да игра и во Америка.

Правилата во оваа земја велат дека право на влез на тло на Америка имаат само странски државјани кои се комплетно вакцинирани, а бидејќи статусот на Новак е добро познат, тој нема да може да влезе во Њујорк.

 

Угледниот „Њујорк Тајмс“ тврди дека право на исклучок може да добијат само луѓе од кои државата има посебен интерес, но одговорните лица на Ју-Ес Опен нема да прават вакво нешто за Србинот и тој ќе може да игра само доколку прими две дози вакцина.