Ѓоковиќ прв на АТП листата


САД- Поразот од Данил Медведев во полуфиналето од Мастерсот во Синсинати го чинеше Новак Ѓоковиќ 640 бода имајќи предвид дека ја бранеше титулата на овој турнир.И покрај тоа неговата предност во однос на Рафаел Надал и Роџер Федерер е убедлива. На Шпанецот му „бега“ речиси 4.000, а на Федерер речиси 5.000 бода. Сепак, мора да се знае дека до крајот на оваа сезона Ѓоковиќ брани уште три титули и едно финале или вкупно 4.600 бода. Титулите му се од УС Опен, Мастерсот во Шангај и завршниот Мастерс во Лондон, а финалето му е од Мастерсот во Париз.

За разлика од него Надал брани само 720 бода освоени во полуфиналето на УС Опен. Тој беше повреден лани во вториот дел од сезоната и не настапи на ниеден турнир, па сега може само да го полни своето конто. До крајот на сезоната има уште неколку интересни турнири на кои шпанскиот ас може да искористи и да го нападне првото место на Ѓоковиќ. Јасно е дека ќе му треба многу успех и среќа за да го стигне Србинот.

Што се однесува до Федерер, тој веќе загуби 510 бода во Синсинати, но брани само 180 во Њујорк и потоа уште 1.620 до крајот на сезоната, меѓу кои и една титула, во Базел.