Ѓоковиќ повторно направи подвиг и стана тенисер со најмногу победи на Гренд слем турнирите


Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со вечерашната победа против Аргентинецот Франциско Серундоло стана тенисер со најмногу победи на Гренд слем турнирите.

Со вечерашната победа во осминафиналето во Париз, најдобриот светски тенисер ја постигна рекордната 370-та победа на Гренд слем турнирите.

Така зад себе го остави Роџер Федерер кој има 369 победи, Рафаел Надал е трет на вечната листа со 314, Џими Конорс е на четвртото место со 233, додека Андре Агаси е петти со 224 победи на четирите најголеми тениски турнири. 

За оваа победа на светскиот тенисер број еденму беа потребни речиси пет часа борба. Тој во пет сета го победи 27. тенисер на АТП рангирањето, Аргентинецот Франциско Серундоло. Првиот сет лесно го однесе Ѓоковиќ со 6:1, а следните два ги доби Серундоло. Беше 7:5 и 6:3 за Аргентинецот.

Она што е многу важно да се спомене е фактот дека Ѓоковиќ речиси цел натпревар го одигра со големи болки во коленото. Натпреварот беше прекинуван неколку пати со цел лекарите да му помогнат на играчот број еден во светот. И покрај проблемите, Ѓоковиќ не се предаде ниту во четвртиот сет кога Серундоло направи брејк. Србинот многу брзо врати, а потоа при 5:5 спаси и брејк топка. Тој го доби својот сервис гем, а потоа уште еднаш го изненади Аргентинецот и го однесе сетот 7:5.

Петтиот сет многу наликуваше на четвртиот, но Ѓоковиќ сепак успеа порано да дојде до клучен брејк и на крајот го доби со вкупни 6:1, 5:7, 3:6, 7:5, 6:3.