Ѓоковиќ по десетти пат го освои Австралија опен: Ова е најголемата победа во мојот живот

По триумфот во Мелбурн, српскиот тенисер од утре се враќа на првото место на АТП ранг-листата


Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денес во финалето на Австралија опен го победи Гркот Стефанос Циципас со 3:0, по сетови 6:4, 7:6 и 7:6.

Србинот по 10-ти пат во кариерата го освои турнирот во Австралија и по 22 пат дојде до трофеј на Грен слем изедначувајќи се со Шпанецот Рафаел Надал на вечната листа победници.

Ѓоковиќ серираше седум аса, направи три двојни грешки и реализира две од пет брејк топки. Циципас имаше 15 аса, три двојни грешки и една реализирана брејк топка од три шанси.

Новак стана вториот тенисер со двоцифрен број трофеи на еден Грен слем. Надал има 14, сите на Вимблдон.

Циципас ја продолжи серијата порази од Ѓоковиќ која трае 10 меча. Сега нивниот биланс во меѓусебните средби е 11:2.

Австралија опен 2023 се играше за награден фонд 51,5 милиони долари. 

Ѓоковиќ проговори за тоа колку е значајна за него неговата 10. победа на Австралија опен.

– Морам да кажам дека ова беше еден од најтешките турнири во мојот живот. Не играв минатата година и се вратив оваа. Сакам да им се заблагодарам на сите што ме примија, ми направија да се чувствувам удобно во Мелбурн и Австралија. Само мојот тим и семејството знаат низ што минавме во последните четири или пет недели. И би рекол дека, со оглед на околностите, ова е најголемата победа во мојот живот, рече Ѓоковиќ.

По триумфот во Мелбурн, Ѓоковиќ од утре се враќа на првото место на АТП ранг-листата.