Ѓоковиќ незадоволен од АТП, ќе формира ново здружение за поддршка на тенисерите


Првиот тенисер на АТП ранг листата преку писмо објасни зашто формирањето на Асоцијација на професионални тенисери е неопходно

 

Новак Ѓоковиќ вчера со поднесе оставка од позицијата претседател на Советот на тенисери на АТП за кој тврди дека не се почитува од страна на АТП и на гренд слемовите.

Поради тоа, Ѓоковиќ заедно со Васек Поспишил се подготвени да формираат ново здружение кое ќе се бори за правата на тенисерите.

Драги тенисери и пријатели,
Како што знаете имав благословена тениска кариера. Немам други интереси освен одржливоста и иднината на тенисот. Соработувајќи со нашиот колега Васек Поспишил и уште десетина сиве овие години, се трудевме да ги претставуваме интересите на играчите на АТП и на гренд слемовите. Едноставно речено, дури иако бев број еден на светот, ние бевме одбивани. Ни ги затвораа вратите, не не почитуваа.

Учествував во тениската политика преку Советот на тенисери во последните 10-15 години и видов 4-5 различни претседатели и многу претставници на одборите на АТП. Треба да знаете дека Асоцијацијата на тенисери не е нов проект, таа идеја постои веќе 30 години. Многу играчи од различни генерации се обидуваа да создадат здружение или сојуз за играчите да имаат подобра застапеност во тенискиот екосистем. Постојан многу фактори и причини зашто тоа досега не се случи, но веројатно главната е неединството. Структурата на АТП не е добра за тенисерите, не мислам дека таа структура им помага на тенисерите. Во минатото многу пати се докажа дека овој систем е против играчите“.

Ѓоковиќ потоа во писмото повторно напоменува дека играчите не се почитуваат.
„Не обвинувам никого поединечно. Разни претседатели и управи во изминатите години се обидуваа да направат разни работи. Нормално направени се некои добри работи за нас. Сепак мислам дека мнозинството од нас ќе се сложат дека тенисерите не се третираат како што треба во целиот систем. Многу пати не бевме консултирани за одредени прашања. На пример, минатата ноќ претседателот на АТП за само пет минути одлучи да го откаже целиот ден на турнирот. Никој не не праша нас, како мене така и останатите кои се натпреваруваа на турнирот.

Тоа е погрешно и покажува дека немаат почит кон нас. Ова е само еден пример, а ги има многу. Бев дел од Советот бидејќи тоа беше единствено место каде можевме да се бориме за нашите права. Но, за тие кои знаат како функционираат работите, знаат дека Советот не носи одлуки. Во одборот на АТП, ние имаме три члена, исто колку што имаат и АТП турнирите и во 95% од случаите има судир на интереси помеѓу играчите и турнирите. Секоја одлука треба да се носи со мнозинство, но работите во одборот не функционираат така. Можете да замислите колку е вмешана политиката, сето тоа го видов со свои очи“, пишува во дел од писмото на Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер синоќа во Њујорк го победи Канаѓанецот Милош Раониќ во финалето на Мастерсот Синсинати со 2-1, по сетови 1:6; 6:3 и 6:4.

За Србинот, ова е 23-та последователна победа од почетокот на сезоната 2020 година.

Титулата во Њујорк е 80. Во кариерата на Ѓоковиќ. Тој го освои 35-от Мастерс и се изедначи со Рафаел Надал.

Претходно, Ѓоковиќ беше првиот играч кој ги освои сите девет Мастерси, сега тој е единствениот што ги освои сите Мастерс двапати.

Наградниот фонд на турнирот изнесуваше 4,2 милиони долари.