Ѓоковиќ нема да игра во Монтреал


Канада- Новак Ѓоковиќ нема да игра на турнирот од „Мастерс“ серијата во Монтреал во август, откако ќе си даде пауза по победата на „Вимблдон“ претходно овој месец.

Во Лондон, Србинот ја освои својата 16-та Гренд-слем титула по епскиот финален меч од Роџер Федерер, освојувајќи го тајбрејкот во решавачкиот петти сет.

– Жал ми е што ќе го пропуштам Роџерс Купот. Заедно со мојот тим, решивме дека на моето тело му треба подолг одмор пред да се вратам на теренот. Ја сакам Канада и имам многу пријатели таму, кои секогаш ме тераат да се чувствувам како дома. Не можам да дочекам да се вратам и да играм повторно пред публиката во Монтреал, пишува Ѓоковиќ на социјалните мрежи.

Монтреал и Торонто се менуваат како домаќини на „Мастерсот“ во Канада, а Ѓоковиќ ја освоил титулата двапати во секој град.

Друг играч отсутен од овогодишниот турнир ќе биде Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро, кој се опоравува од операцијата на коленото.

Ришар Гаске и Михаил Кукушкин ќе ги окупираат двете слободни места во главната шема.

„Роџерс Куп“ започнува на 5-ти август.