Ѓоковиќ наздрави со Вучиќ, Ковачевски и Рама на „Винската визија“

Македонија според последните рангирања е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29 најголем извозник на вино во светот


Фото: Б. Богдановска

 

(Од нашиот известувач)

БЕЛГРАД – Винската визија на Отворен Балкан во следните четири дена ги собра повеќето винарии и дестилерии од регионот, но и од целиот свет, на саемот организиран во Белград.

На Саемот за вино, балканските лидери беа дочекани и од тенискиот ас Новак Ѓоковиќ и неговиот татко и чичко, кои се претставија со својата винарија „Ѓоковиќ“.

Разговарајќи за виното, претседателот на Србија рече дека најтешко е да се нарави „шардоне“, на што Ѓоковиќ му порача дека тој подобро од него се разбира во вина.

Фото: Б. Богдановска

„Да ги победуваш барем уште пет години. Ти благодарам што секогаш си со државата и што добрите идеи секогаш ги поддржуваш“, му пораќа Вучиќ на Ѓоковиќ.

Саемот беше официјално отворен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама.

„Отворен Балкан денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство. Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.

Тројцата лидери порача дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.

„Македонското вино е со светски познат квалитет. Македонија според последните рангирања е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29 најголем извозник на вино во светот. Трета година по ред извозот на вино од нашата држава е во пораст, и во количини и по вредност“, изјави Ковачевски.

Македонските винарии минатата година бележат зголемување од 19 проценти на извозот во споредба со 2020 година, а нивниот број е зголемен на 139, со просечно годишни производство од околу 100 милиони литри.

Овој саем, нагласи Ковачевски, е можност да воспоставиме и нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании.

„За првпат на еден меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава од Македонија присуствуваат претставници на 43 винарии и три дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над десет производители на храна“, изјави Ковачевски.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се заблагодари на сите луѓе, кои учествуваа во подготовката на Саемот, и кои ги донесоа сите излагачи и купувачи во Белград, и успеаја тоа да изгледа величенствено.

Тој рече дека државата им помага на винарите и дека винската индустрија на Србија напредува.

„Горд сум на тоа што го направивме и кого донесовме, се работи за најголемите винари. Технологијата на производство на вино сѐ повеќе напредува, виното сѐ повеќе се пие“, рече Вучиќ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама порача дека регионалната иницијатива Отворен Балкан е многу повеќе од трговија и стопанство и далеку повеќе од политика.

„Отворен Балкан е производ на мирот кој ќе биде одржлив, проект на единство во мир со визија за иднината, така што ова мало соседство во срцето на Европа не пати повеќе од минатото, туку ќе стане место за иднина на нашите млади“, рече Рама.

Тројцата лидери посетија повеќе штандови, пробаа македонски, српски и албански вина, ракии и коњаци, поразговараа со производителите и наздравија за успешана соработка.

Македонските производители на храна, вино и туристичките капацитети, посочи Ковачевски на присутните посетители на Саемот, под мотото „Вкуси го животот“ им порачуваат да вкусат македонско вино, македонска храна и македонска авантура.

Технолошки високо организиран

На туристичкиот штанд, каде заедно се претставуваат трите земји Македонија, Србија и Албанија, има интерактивен квиз со девет прашања поврзани со важни локации и личности повзрани со виното или со историјата на земјата. Квизот го играте на тач-скрин, на четири јазици, српски, македонски, албански и англиски. Исто така, може да направите фотографии од себеси или во друштво, со заднина од познати локалитети во трите земји.

Квиз – Фото: Б. Богдановска

Во четвртата хала, има музејска поставка од производните машини кои се користеле на времето. И таму има десетина тач-скринови со податоци на четири јазици за процесот на производство, за винските сорти и занимливости во врска со грозјето и виното. 

Фото: Б. Богдановска

На Саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.

Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан”, ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија. На Саемот ќе се претстават и повеќе од десет производители на храна од земјава кои ќе се презентираат автентичните вкусови на македонската кујна.

Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.

Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, премиеротДимитар Ковачевски ќе биде домаќин на „Македонската вечер“, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Македонија.

Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан на Вучиќ, Ковачевски и Рама.