Ѓоковиќ навел дека прележал ковид, властите во Австралија не веруваат

Федералните власти и оние на државата Викторија си ја префрлаат топката, Ѓоковиќ е заглавен на аеродромот, а гневот во австралиската јавност достигнува огромни размери


Новак Ѓоковиќ одбива да наведе зошто го добил изземањето (Фото: АП)

 

Влегувањето на светскиот број 1 во Австралија, Новак Ѓоковиќ, беше во лимбо ситуација во раните часови во четвртокот според австралиско време поради загриженоста на граничните и царинските власти околу доказите што го поддржуваат неговото ослободување од вакцината, како и потенцијално погрешното барање за виза, пишува австралискиот медиум „The Age“.

Еве го текстот објавен доцна во ноќта кој ги објаснува сите случувања околу доаѓањето на Новак Ѓоковиќ во Мелбурн за да се натпреварува на Австралија опен:

„Владата на Викторија тврдеше дека го одбила барањето доцна во ноќта да ја спонзорира визата на светскиот број 1 неколку часа пред тој да слета во Мелбурн околу 23,30 часот.

20-кратниот победник на грен-слем, кој доби ослободување да игра на Австралија опен овој месец, беше испрашуван од претставници на австралиските гранични сили во соба на аеродромот ‘Туламарин’ во Мелбурн најмалку до 1,15 часот наутро.

Извор од федералната влада запознаен со епизодата рече дека има прашалници за тоа дали Ѓоковиќ има соодветна документација за да ја докаже причината за неговото изземање. Овој доказ е потребно да го презентираат на граница невакцинирани лица.

Изворот рече дека не е јасно дали инфекцијата со Ковид-19 во изминатите шест месеци – за која се сомнева дека е оправдување за изземањето на играчот – била доволна за да се обезбеди влез во Австралија според федералните упатства.

Во одделно прашање што го комплицираше неговото пристигнување, вршителот на должноста министер за спорт на Викторија, Џаала Пулфорд рече дека претставници на австралиските Гранични сили контактирале со државната влада неколку часа пред да слета Ѓоковиќ. Тој се обидуваше да влезе во земјата со виза што не дозволуваше медицински исклучоци за невакцинирање, изјави извор информиран за ова за The Age и Herald.

Како резултат на тоа, г-ѓа Палфорд рече дека Граничните сили побарале поддршка од владата на Викторија за да го олеснат влегувањето на Ѓоковиќ. Федералната агенција побара поддршка од владата на премиерот Ендрјус бидејќи државата Викторија е партнер со Тенис Австралија во одржувањето на настанот на кој се однесува визата на Ѓоковиќ. Официјални лица од Викторија побараа од федералните власти да го стават своето барање во писмена форма, а г-ѓа Палфорд рече дека барањето за спонзорирање на визата на Ѓоковиќ е одбиено.

Во раните утрински часови во четвртокот, портпаролката на Граничните сили (АБФ) ги отфрли тврдењата на г-ѓа Палфорд.

‘АБФ не побара поддршка од владата на Викторија за виза. АБФ се обрати до владата на Викторија за да ги потврди нивните јавни изјави за нивната поддршка за неговото влегување и дали Викторија има дополнителни информации поврзани со неговата документација за медицинско ослободување’, рече таа.

Ставот на владата на Викторија за визата на Ѓоковиќ го одразува гневот спрема Ѓоковиќ меѓу викторијанските министри и високи функционери. Тоа, исто така, ја истакнува нивната чувствителност да бидат перцепирани дека  му помагаат на Ѓоковиќ да игра на Отвореното првенство и покрај неговиот отворен скептицизам за вакцините и необјавување на причината за неговото изземање.

Вршителката на должноста министер за спорт Џаала Пулфорд испрати доцна навечер твит со кој потврди дека владата на Викторија нема да го поддржи барањето за виза на Ѓоковиќ.

‘Федералната влада праша дали ќе го поддржиме барањето за виза на Новак Ѓоковиќ за влез во Австралија. Нема да му обезбедиме на Новак Ѓоковиќ индивидуална поддршка за апликација за виза за учество на Грен слем турнирот Австралија Опен во 2022 година’, се вели во твитот.

Г-ѓа Пулфорд продолжува: ‘Отсекогаш бевме јасни во две точки: одобрувањето на визите е прашање на федералната влада, а медицинските исклучоци се прашање на лекарите’.

Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус претходно во средата рече дека ‘секој поединец што сака да влезе во Австралија мора да ги почитува нашите строги гранични барања’.

Тенис Австралија во средата потврди дека повеќето од барањата за изземање што ги поднеле играчите или официјалните лица потекнуваат од поединци кои биле заразени со корона вирус во изминатите шест месеци.

Тројца извори на високо ниво информираа за ситуацијата на Ѓоковиќ, кои зборуваа анонимно бидејќи предметот е доверлив, рекоа дека веруваат дека е голема веројатноста изземањето да е дадено поради таа причина.

Шефот на тениската Австралија, Крег Тајли, кој редовно разговара со Ѓоковиќ, ги информирал високите владини министри дека Ѓоковиќ не му кажал зошто има право на изземање.

Говорејќи по состанокот на националниот кабинет во средата попладне, премиерот Скот Морисон рече дека Србинот ‘мора да обезбеди прифатлив доказ дека не може да се вакцинира од медицински причини’.

„Ако тие докази се недоволни, тогаш тој нема да биде постапуван поинаку од кој било друг и ќе биде во следниот авион дома – не треба да има посебни правила за Новак Ѓоковиќ’, рече тој.

Г-дин Морисон рече дека одлуката била ‘прашање за владата на Викторија’.

Веста за неговото изземање беше дочекана со широко распространет јавен гнев, а социјалните медиуми, емисиите на радијата и писмата до уредникот беа преплавени со критики за играчот, кој одби јавно да го открие својот статус на вакцинација во текот на пандемијата и процесот со кој тој беше изземен од карантин.

Два извори рекоа дека медицинските панели што ја разгледале апликацијата на Ѓоковиќ – едниот формиран од Тенис Австралија, а другата од Одделот за здравство во Викторија – биле едногласни во нивните заклучоци.

Ѓоковиќ е меѓу ‘малата’ играчи и официјални лица кои се ослободени од вакцинација против Ковид-19 на претстојниот турнир. Тенис Австралија соопшти дека биле поднесени 26 апликации за медицински ослободувања, а бројот на доделените не е откриен“.