Ѓоковиќ на балкон во Белград: Тој инает го симболизира духот на нашиот небесен народ
Свечен пречек на Новак Ѓоковиќ кој ја одбрани тутулата на турнирот во Вимблдон
Луѓе од Белград и од цела Србија во голем број му приредија свечен пречек на новиот, стариот шампион на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ.
Платото пред Стариот дворец беше претесно за да ги прими сите кои сакаа да се поздрават со најдобриот српски тенисер досега, сопственик на 21 Грен слем титула, од кои седум на Вимблдон и рекордер по бројот на недели на врвот на АТП листата.
„Добро те најдов Белград, добра вечер Србија. Ова се дефинитивно најубавите моменти во мојот живот, кога имам благослов да се занимавам со спортот што го играм и кој толку многу го сакам, во кој успеав да постигнам голем успех, а кога ќе го постигнам тоа, можам да се вратам и да прославам со нашиот народ. Ви благодарам, вие сте прекрасни. Многу српски тробојки, многу деца, млади. Тоа ме исполнува засекогаш. За вакви моменти вреди да се живее, да се работи, да се игра тенис. Трофеите се минливи, но овие моменти кога заедно го делиме успехот, засекогаш ќе ги носам во моето срце.
Многупати сум бил на овој балкон, со сите наши тенисери Јелена Јанковиќ, Ана Ивановиќ, Јанко Типсаревиќ, Виктор Троицки, Ненад Зимоњиќ, сите тие се големи шампиони на нашиот спорт, кој кај нас немаше долга традиција до неодамна. Секако, патот ни го трасираа Слободан Боба Живојиновиќ и Моника Селеш, но тоа беше многу тешко во текот на 90-тите. Но, некако во тие 10, 15 години пораснаа добри тенисери и тоа нѐ засили, ни даде дополнителен поттик и верувам дека тој некој српски инает беше пресуден зошто сум сега овде. Таа тврдоглавост е нешто што го симболизира тој дух на нашиот небесен народ и покажува срце, душа и волја кога е најтешко. Наша судбина е да поминеме по трнлив пат, но велиме којзнае зошто е добро, а на крајот од тунелот секогаш има добро и светлина. Вие сте таа светлина“, изјави Ѓоковиќ.
Коментирајќи ги критиките со кои се соочи, особено на почетокот на годината, кога беше депортиран од Австралија затоа што не беше вакциниран, Ѓоковиќ истакна дека „христијанско е да се прости“.
„Христијански е да се прости, а ние сме христијани, гледаме, простуваме, само Бог и луѓето околу мене знаат што се случи, не би сакал да зборувам за тоа сега и изгледам како да се жалам. Сето тоа влијаеше на овој момент, ме мотивираше и ме инспирираше да се вратам на патеките на старата слава, да се борам за најголемите трофеи во спортот“, рече Ѓоковиќ и нагласи дека депортирањето од Австралија и осудите „многу ме потресоа мене и моето семејство и блиските луѓе“.