Ѓоковиќ: Ќе имам уште можности за трофеи, но не знам дали повторно ќе добијам шанса да составам календарски Грен слем


САД – Првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ, доколку победи на претстојниот „УС Опен“, ќе биде првиот тенисер по Род Лејвер во 1969 година што ќе го комплетира календарскиот Грен слем.

– Се разбира, знам каква можност имам сега. Многу сум мотивиран да го покажам мојот најдобар тенис. Постои психолошки притисок, но во исто време знам како да најдам рамнотежа, да се справам со очекувањата. Без Рафа (Надал) и Роџер (Федерер), очекувањата се поголеми. Знам дека многумина ќе ги гледаат моите натпревари и ќе очекуваат добар резултат од мене. Меѓутоа, има неверојатни играчи кои сега покажуваат моќни резултати – Зверев, Медведев, Цициапас. Ова се трите главни кандидати за титулата. Јас ќе имам уште многу можности за трофеи, но не знам дали повторно ќе ми се пружи ваква шанса, да комплетирам календарски Грен слем.

По Олимпијадата, одвоив дополнително време за одмор. Не играв Синсинати, иако планирав, бидејќи по долго и успешно лето бев исцрпен во секоја смисла. Инспириран сум да го прикажам мојот најдобар тенис во Њујорк, истакна Ѓоковиќ.

Во текот на 2021 година, Србинот веќе освои три од четирите најголеми турнири – „Австралија Опен“ во Мелбурн, „Ролан Гарос“ во Париз и „Вимблдон“ во Лондон.

Грен слемот во Њујорк, „УС опен“ ќе се игра од 30 август до 12 септември.