Ѓоковиќ: Исклучувањето беше правилно, но не можам да гарантирам дека нема да се случи пак


Ѓоковиќ во Рим, каде се загрева за мастерсот, изјави дека настанот нема да го заборави до крајот на животот (Фото: Ројтерс)

„Разбирам дека имам испади и тоа е личноста што сум бил отсекогаш. Не можам да ветам или не можам да гарантирам дека никогаш нема да направам нешто слично на тоа во мојот живот“, изјави светскиот рекет бр. 1

 

Новак Ѓоковиќ вели дека ја прифатил својата дисквалификација на УС Опен, но разбира дека тоа ќе остане уште долго со него додека се подготвува да се врати во конкуренција оваа недела на Отвореното првенство на Италија.

Откако го загуби својот сервис за негатива од 5-6 во првиот сет од неговиот меч од четвртото коло против Пабло Карењо Буста, Ѓоковиќ удри топка и ја погоди судијата на линијата Лора Кларк во грлото и доведе до нејзино паѓање на земја. Тој стана петтиот играч во ерата на Опен кој бил исклучен од грен слем турнир.

„Имаше многу шпекулации и дискусии дали е заслужено или не. Го прифатив тоа и продолжив понатаму“, рече тој во Рим во понеделникот. „Ја проверив Лора по натпреварот; таа рече дека е добро, нема големи повреди. Навистина ми беше жал што ѝ предизвикав шок и драма. Таа не го заслужи тоа на кој било начин.

Беше потполно неочекувано и многу ненамерно да ја удрам. Но, како што реков, кога така ќе ја погодиш топката, како што ја погодив јас, имаш шанса да погодиш некого што е на теренот, а правилата се јасни кога станува збор за тоа. Не мислам дека некогаш ќе заборавам на тоа, бидејќи тоа е една од овие работи што останува во твојата меморија до крајот на животот“.

Инцидентот беше особено забележителен затоа што Ѓоковиќ претходно беше близу до сличен исход. На Ролан Гарос во 2016 година, тој го фрли својот рекет и за влакно го промаши линискиот судија. На финалето на АТП подоцна истата година, тој удри топка кон неговиот бокс и во толпата, што доведе до груба дискусија со новинарите.

„Разбирам дека имам испади и тоа е личноста и вид на играч што сум бил отсекогаш“, рече светот бр. 1. „Поминав низ подеми и падови во мојата кариера, успевајќи да ги контролирам моите емоции помалку или повеќе. Но, вие сте сами таму надвор, тоа е голем интензитет, голем притисок и мора да се справите со сето тоа.

Така, понекогаш се случуваат вакви ситуации. Не можам да ветам или не можам да гарантирам дека никогаш нема да направам нешто слично на тоа во мојот живот. Дефинитивно ќе се обидам да направам такво нешто никогаш да не се повтори, но сè е можно, така што ќе го земам ова што е можно подлабоко како голема лекција“.

Рим ги одбележа првите јавни забелешки на Djоковиќ по неговата дисквалификација, затоа што тој ја прескокна својата задолжителна прес-конференција по натпреварот против Карењо Буста. Ѓоковиќ беше казнет со 7.500 УСД за пропуштената прес-конференција, 10.000 за неспортско однесување и му беа одземени 250.000 долари како додаток на освоените бодови на настанот.

„Многу ми беше тешко да го прифатам тоа веднаш откако се случи“, рече тој. Неколку дена бев во шок. Ме потресе целата работа.

Разбирам дека тоа е нешто што ќе ми тежи многу години, но добро сум со тоа затоа што знам дека беше ненамерно. Не сакав да ја повредам. Може да се случи. Можеше да се случи и неколку пати порано во мојата кариера. И знам дека можеше да им се случи и на многу други играчи“. (Гардијан)