Ѓоковиќ и натаму е четврти тенисер во светот, Синер прв


Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го задржа четвртото место на најновата АТП листа, која беше објавена денеска, додека прв и натаму е Италијанецот Јаник Синер.

Синер го совлада Ѓоковиќ со 7:6 (7:4), 6:3 во финалето на Мастерсот во Шангај во неделата. Италијанецот е на првото место на најновата АТП листа со 11.920 бодови.

Втор е Шпанецот Карлос Алкараз со 7.120 бодови, додека трет е Германецот Александар Зверев со 6.795. Ѓоковиќ се наоѓа на четвртата позиција на АТП листата и собра 6.210 бодови.

Русинот Данил Медведев е петтиот тенисер во светот, додека Американецот Тејлор Фриц напредуваше за едно место и моментално е на шестата позиција.

Рускиот тенисер Андреј Рубљев падна на седмото место, а го следеа Норвежанецот Каспер Руд, Австралиецот Алекс де Минор и Бугаринот Григор Димитров.