Ѓоковиќ го затвори тренингот пред натпреварот против Алкараз


Мелбурн – Новак Ѓоковиќ овој понеделник тренираше во комплексот Мелбурн Парк, но за првпат го затвори тренингот за новинарите и пошироката јавност.

Комплексот го вклучува и Националниот тениски центар на Австралија, кој вклучува и затворени терени. Токму тука Србинот реши да направи генерална проба пред четвртфиналниот натпревар против Карлос Алкараз, кој е закажан за вторник во 11 часот по наше време.

Ѓоковиќ, инаку, цело време тренираше на терените на Националниот тениски центар зад затворени врати во текот на 2023 година, кога последен пат славеше во Мелбурн.

За разлика од Новак, Карлос Алкараз тренираше на отворени терени и сите можеа да ја видат неговата генерална проба за четвртфиналето.

Победникот од овој меч ќе игра во полуфиналето против подобриот од мечот меѓу Томи Пол (САД) и Александар Зверев (Германија).