Ѓоковиќ го совлада Федерер во маратонското финале за петта титула на Вимблдон


Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон го совлада легендарниот Швајцарец со 3:2, по сетови 7:6, 1:6, 7:6, 4:6 и 13:12.

Ѓоковиќ и Федерер го одиграа најдолгото финале во историјата на Вимблдон, речиси пет часа игра и пет сетови фантастичен тенис. По првпат се играше и супер тај-брејк, Федерер имаше и две меч топки во низа, но српскиот тенисер најде начин да дојде до победата и да ја освои петтата титула во Лондон и вкупно 16. гренд слем трофеј.

Двајцата мајстори го одиграа најдолгиот и најдобриот меч на годинешното издание на Вимблдон, сигурно едно од најдобрите финалиња во историјата на сите гренд слемови.

Првиот сет донесе навистина одлична игра на двајцата тениски мајстори. Ѓоковиќ и Федерер беа сигурни на свој сервис, па победникот на првиот сет беше одлучен во тај-брејк, а во истиот беше видена епска пресметка. Федерер имаше предност од два поени (3:5), Меѓутоа Ѓоковиќ ги освои следните четири и го освои првиот сет со 7:6.

Одговорот на Федерер беше жесток и брутален. Швајцарецот го демолираше Ѓоковиќ во вториот сет, дозволувајќи му да освои само еден гем и во голем стил успеа да израмни на 1:1 во сетови.

Во третиот сет повторно имаше тај-брејк, а повторно Ѓоковиќ подобро се снајде во таа ситуација. Првиот играч на светот пак мораше да спасува брејк топка која на Федерер можеше да му донесе сет и на крајот успеа да го освои и третиот сет со 7:6 (7:4) за 2:1 во сетови.

Со двоен брејк во четвртиот сет Федерер лесно дојде до сервис и шанса за уште едно лесно освојување на сетот, но Новак не се предаваше и успеа по речиси три часа игра и тој да му земе сервис на Роџер.

Сепак, двојниот брејк Ѓоковиќ не можеше да го врати. Легендарниот Швајцарец сервираше фантастично во 10. гем од четвртиот сет и на крајот го доби со 6:4 за израмнување на 2:2 во сетови.

Ѓоковиќ прв нападна во петтиот сет. Имаше три брејк шанси во четвртиот гем, но не ги искористи и Федерер се извлече од тешката ситуација.

Сепак, веќе на следниот сервис на Федерер, Новак дојде до брејк, но Роџер веќе во следниот гем го врати загубениот сервис и се врати во игра и до крајот на петтиот сет гледавме навистина гладијаторска борба.

Следуваше големо надмудрување, Федерер имаше две меч топки во 16. гем од петтиот сет. Не ги искористи, Новак го врати брејкот и мечот беше продолжен се до 12:12 и дојде до тај-брејк.

Таму повторно подобро се снајде Новак Ѓоковиќ кој успеа да ја освои својата петта титула на Вимблдон.