Ѓоковиќ го освои Париз и стана најтрофеен тенисер од Мастерс-турнирите


Франција– Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ стана најтрофеен тенисер според бројот на Мастерс-титули, откако денеска го победи Данил Медведев во финалето на АТП Мастерсот од серијата 1.000 за да дојде до неговиот 37 трофеј во кариерата.

За Ѓоковиќ ова е 37 титула на АТП мастерс 1000 турнирите со што повторно се искачи на првото место пред Рафаел Надал кој има една титула помалку.

Тој во финалето му се реваншираше на Русинот, Данил Медведев за поразот на УС опен добивајќи го по пресврт со 2-1, по сетови 4-6, 6-3 и 6-3.

Ѓоковиќ по седми пат ја завршува оваа година како број еден, што е уште еден историски потфат за Србинот, зашто го надмина рекордот на Пит Сампрас .

Ѓоковиќ на стартот на мечот го загуби својот сервис, па со брејк се врати во четвртиот гем, но веќе во седмиот повторно го загуби сервисот за Медведев да поведе на мечот, а потоа Србинот заигра во својата препознатлива форма. Во вториот сет го направи брејкот за 3-1 и потоа сѐ беше скоро рутински, ги освојуваше своите сервиси за да израмни, а во третиот, после израмнетата игра до 2-2, Ѓоковиќ направи два брејка по ред за да поведе со 5-2, но загуби потоа на свој сервис, за со трет брејк во сетот да стави печат на победата.

АТП Ролекс Мастерсот во Париз се играше за награден фонд од три милиони евра.