Ѓоковиќ – Фриц и Алкараз – Лехечка во четврт-финалето на УС Опен

На последниот тениски гранслем-турнир во годината, Отвореното првенство на САД, познати се првите две четвртфинални двојки во машка и во женска конкуренција. Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе ги одмери силите против Американецот Тејлор Фриц, додека Шпанецот Карлос Алкараз ќе игра со Чехот Јиржи Лехечка. Победниците ќе обезбедат место во полуфиналето.
Најтрофејниот светски тенисер Ѓоковиќ во осминафиналето експресно со 3-0 во сетови (6-3, 6-3 и 6-3) го победи Германецот Јан Ленард Штруф. Со тоа, тој стана првиот тенисер во историјата кому му успеало да стигне до четврт-финалето на сите четири гранслем-турнири во девет различни години. Пред оваа година, Ѓоковиќ беше изедначен со Швајцарецот Роџер Федерер по овој параметар, но неговиот триумф над Штруф и неговиот нов пласман во четврт-финалето на Отвореното првенство на САД, дефинитивно го ставија на врвот на оваа историска листа.
Ѓоковиќ на овој турнир атакува на својот 25-ти гранслем, што би го направило првиот тенисер кому му успеало тоа. Ривалот на Србинот во четврт-финалето, Фриц, кој е четврти носител, исто така во три сета (6-4, 6-3 и 6-3) славеше над Чехот Томаш Махач.
Во женска конкуренција, белоруската тенисерка Арина Сабаленка ја совлада Кристина Букша од Шпанија со 2-0 во сетови (6-1, 6-4) во осминафиналниот дуел. Натпреварот траеше еден час и 14 минути. Сабаленка имаше три аса, две двојни грешки и три реализирани брејк-топки од девет можности. Во четврт-финалето, првиот светски рекет ќе се соочи со Маркета Вондрушова од Чешка, која претходно ја совлада со 2-1 во сетови Елена Рибакина од Казахстан.
Пласман помеѓу осумте најдобри на женскиот дел на Отвореното првенство во САД досега изборија уште и Американката Џесика Пегула и Барбора Крејчикова од Чешка. Вкупниот награден фонд на турнирот во Њујорк изнесува 90 милиони долари.