Ѓоковиќ во финале на Австралија опен
Австралија– Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ експресно се справи со Томи Пол и со 3-0 (7-5, 6-1, 6-2), па се пласираше во финалето на Австралија опен. Првиот фаворит во Мелбурн одигра според планот, го декласира противниот од Америка и закажа меч за трофејот со Стефанос Циципас.
Пол парираше само во првиот сет, иако отвори катастрофално. Ѓоковиќ тргна со два брејка и 5-1, имаше сет-топка која не ја искористи, а потоа Пол врати во иста мера и дојде до 5-5. Сепак, Србинот се стегна во завршницата и со 7-5 го доби првиот сет за круцијална предност.
Тоа како да го „скрши“ американскиот тенисер, па во продолжението беше целосно инфериорен. Ѓоковиќ заигра неверојатен тенис, со два одземени сервиси дојде до 5-0, за да го реши вториот сет убедливо со 6-1 во своја корист. Слично беше и во третиот, Пол немаше одговор за фуриозната игра на ривалот, па Новак лесно дојде до 4-0 со двата брејка и го затвори мечот со 6-2 по само два часа и 22 минути.
Финалниот натпревар на турнирот во Мелбурн е закажан за в недела во 09:30 часот на „Род Лејвер Арената“.
Покрај тоа што има шанса да ја освои десеттата титула во Мелбурн, Ѓоковиќ со тоа би го израмнил рекордот на Рафаел Надал од 22 гренд слем трофеи. Ако го освои Мелбурн, ќе се искачи на прво место на АТП листата.
Циципас по вторпат ќе игра во финале на Грен слем турнир, откако во 2021 година во финалето на Ролан Гарос загуби од Ѓоковиќ во пет сета.