Гитара на Принс и рачно напишани текстови на „Битлс“ одат на аукција


Гитара што на почетокот на кариерата ја користел Принс, како и неколку светски познати текстови на „Битлс“, рачно напишани од Пол Макартни, се меѓу предметите коишто се ставени на аукција на големата продажба на музички артефакти.

Аукциската куќа Џулиен’с окшнс вчера објави дека аукцијата ќе се одржи на 19. и 20 јуни на Беверли Хилс во Лос Анџелес, Калифорнија. Еден од најпривлечните предмети за наддавање е сината „облак” гитара специјално направена за Принс 1984 година. Се предвидува дека тoа ќе достигне цена меѓу 100.000 и 200.000 долари.

На продажба ќе се најде и неговото надалеку познато виолетово одело, приврзок и чифт чизми.

Страница со рачно напишани работни верзии за песната на „Битлс“ – „Maxwell’s Silver Hammer”, од албумот „Abbey Road” од 1969 година, се очекува да достигне цена меѓу 200.000 и 300.000 долари.

На наддавањето ќе има и лични предмети на Мадона, Мајкл Џексон, Витни Хјустон, Џони Кеш, Џим Морисон, „Ролинг стоунс“, „Квин“ и Дејвид Боуви.