Гир за Украина: Воен одговор не е на маса


Санкциите на ЕУ против Русија се донесени на хируршки начин и се фокусирани за да се осигура дека ќе ги имаат за цел вистинските субјекти одговорни за агресијата врз Украина, вели шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.

– ЕУ веќе се обиде да ги фокусира тие санкции за да ги има за цел токму тие коишто ги носат одлуките и се одговорни за агресијата. Меѓународниот систем е комплексен, а исто така и трговскиот систем и во тие многу комплексни околности се прави навистина огромна работа со цел да се фокусираат дејствата, да имаат огромен ефект на Кремљ и на нивните поддржувачи и минимум влијание на населението. Се разбира дека тие дискусии одземаат многу време, затоа што мора да се осигураат дека ќе ги имаат за цел вистинските субјекти. Се разбира дека ЕУ ги прави на хируршки начин тие санкции. Значи, ние одиме чекор по чекор со внесување на санкции, рече на новинарско прашање амбасадорот Гир на онлајн прес-конференција во врска со актуелната криза во Украина одржана заедно со амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер.

Тој додаде дека веќе има и сеопфатен сет на мерки и кон Белорусија и тие санкции ќе продолжат да бидат дел од одговорот на ЕУ.

-Веќе ги спомнав и другите одговори коишто ги имавме досега, другите дејствија вклучително и нашата поддршка. И исто така воена опрема. Тоа што не е на маса тоа е воен одговор, воени дејствија во самата Украина. Тоа беше јасно од самиот почеток и таа ситуација не се менува. Меѓутоа, каква било друга помош, се со цел да се изолира Кремљ за да се идентификува одговорноста  е таму. Мислам дека некаде 38 или 49 земји го повикаа Меѓународниот суд за прекршувањата кои се направени, вели евроамбасадорот.  

Францускиот амбасадор Бомгартнер подвлече дека не треба да заборавиме дека состојбата постојано се менува и меѓународната заедница и ЕУ делуваат соодветно на промените.

-Различните последователни санкции се донесени на едно ниво кое никогаш досега не било постигнато затоа што навистина речиси сите ги поддржуваат и може да дадат моментални ефекти, но прогресивно ќе можеме да оцениме потоа дали ќе има ефекти. Но, одредени ефекти веќе се забележуваат затоа што рубљата е ослабена и тоа е тесно поврзана со санкциите. Тоа не само на ЕУ, туку на целокупната меѓународна заедница. Но, не треба да ги заборавиме и индиректните ефекти од санкциите и пошироко како одговор на меѓународната заедница, влијанието кое што може да го имаат тие санкции врз перцепцијата на руските граѓани, вели амбасадорот Сирил Бомгартнер. 

-Не можеме да дозволиме Русија да се извлече со инвазија врз мирољубива земја. Оваа инвазија ќе го уништи меѓународниот поредок. Која било земја членка на меѓународната заедница исто така може да се соочи со иста закана по нејзиниот суверенитет, вели амбасадорот Гир, кој им одаде почит на луѓето на Украина за покажаната храброст и решителност во овој многу тежок, мрачен момент.

-Во тој поглед се наоѓаме во состојба на промена на односите затоа што за првпат Европа, односно ЕУ одлучи да финансира купување на оружје, дури и купување на смртоносно оружје за помош на херојскиот отпор на Украина. Надвор од таа поддршка има и масивна помош која што се доделува на хуманитарен, макроекономски план итн, рече Бомгартнер.    

Двајцата амбасадори посочија и на важноста на Резолуцијата на ОН која е поддржана со големо мнозинство од 141 земја членка, а со која се осудува руската агресија, се повикува на престанок на инвазијата и Русија веднаш да ги повлече сите воени сили од меѓународно признаените граници на Украина.

-Кои се лекциите од оваа криза веројатно уште е рано да кажеме, но воено ќе кажам дека состојбата е навистина доста тешка на терен. Не станува збор за никаква игра, односно глума, се наоѓаме на почетокот на кризата и она што е од извонредно значење е реакцијата на меѓународната заедница. И со таа активност е промената перцепцијата која што можеби сме ја имале појдовно. Очигледно е дека западната страна е навистина обединета и тоа на највисоко ниво со една ефикасност која што ми се чини дека никој не ја оспорува, вели Бомгартнер.  

Според Гир, обезбедена е значителна хуманитарна помош на украинскиот народ. Европската комисија веќе најави 90 милиони за Украина и Молдавија, а од почетокот на кризата од 2014 година доделена е 248 милиони евра хуманитарната помош. ЕК , додаде, исто така ќе одвои 50 милиони евра од европскиот буџет со цел да се соочи со хуманитарните последици од оваа криза. Дополнително ЕК веќе најави 1,2 милијарди евра како помош на украинската економија и исто така механизмот за цивилна заштита на ЕУ којшто ги координира одговорноста, акциите на ЕУ.