Гир за М-НАВ: Назначувања по заслуга, а не припадност на партија


Коментирајќи ги последните случувања во М-НАВ, евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека европските ставови за случувањата во јавните институции се многу јасни. Порача дека е важно назначувањата да се прават врз основа на заслуга, што би значело квалификација, вештини, искуства, а не припадност на партија или некои лични врски.Јасно е, рече Гир, дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон ЕУ во поглед на нивното имплементирање.

„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото кое е одговорно за воздухопловната навигација. Второто се однесува на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и дека човечките ресурси се користат на начин кој што ќе ја гарантира безбедноста и ефикасноста на самата служба за навигација. Кога станува збор за различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да дејствуваат. Кога станува збор за тврдењата во поглед на влегувањето во зградата, заканите и насилството, тоа се прашања кои треба да бидат истражени и доколку постои загриженост треба да се реагира за тоа“, порача евроамбасадорот.

На прашањето како ја коментира одлуката на судот да не им се даде притвор на сторителите во случајот со М-НАВ, Гир одговори дека нема обичај да коментира одлуки на суд, но потсети дека јасно е кажано кои се обврските, односно гаранцијата на заштитата на овој и системите од критичната инфраструктура.