Гир: Соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол за единство преку разноликост
Јазичната разноликост е вклучена во европското право и во повелбата на основните права и во договорот за основање на ЕУ. Соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол за аспирациите на Унијата за единство преку разноликост, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на Осмата меѓународна конференција „На прагот на иднината: Што по 2020?“, организирана од Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија.
Преведувачите и толкувачите, порача тој, се важен линк помеѓу ЕУ и Северна Македонија, уште од првите чекори на земјата на нејзиниот европски пат.
– Во Европа јазичната разниликост е дел од секојдневниот живот. Оваа разноликост е извор на сила и богатство. ЕУ има околу 450 милиони граѓани, 27 земји членки, три азбуки и 24 официјални јазици. Шеесетина други јазици се дел од наследството на ЕУ и се зборуваат во одредени региони или од страна на одредени групи, изјави Гир.
Тој посочи дека ЕУ го промовира учењето на повеќе јазици преку различни програми, како што се Еразмус+ и Креативна Европа, со цел младите луѓе да може да зборуваа најмалку уште два јазици, покрај мајчиниот јазик.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, порача дека повеќејазичноста е сржта на ЕУ, a принцип на јазична еднаквост на Европската Унија со своите 24 официјални јазици и над 500 можни јазични комбинации, преводот и толкувањето ги поставува и како основен услов за нејзиното непречено функционирање.
– Во согласност со таквите политики на ЕУ за јазична еднаквост и автентичност, и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата во моментот кога нашата држава ќе стане полноправна членка. Поради тоа, преводот на правните акти на ЕУ мора да конвенира на стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на нашиот јазик. Македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во клубот на мултијазичната Европска Унија, па оттука, граѓаните мора да можат да го разберат и почитуваат правниот акт што директно ќе се однесува на нивните животи, изјави Димитров.
Со цел да го овозможиме ова право и потреба на македонските граѓани, посочи тој, како земја кандидат мора да го оствариме и едниот од клучните елементи скриени меѓу критериумите од Копенхаген и нашиот предуслов за членство во Унијата, а тоа е превод на европското законодавство на македонски јазик.
– Правото на ЕУ е збир на правни инструменти кои се транспонираат во националните законодавства, а нивниот превод претставува најзначаен и најобемен проект за превод воопшто реализиран во историјата на специјализираниот превод. Процесот на преведување на правото на ЕУ е долгорочен, затоа што истото е подвижна цел чија бројка постојано се менува и се зголемува, во моментов некаде над 160 илјади страници, изјави Димитров.
Преводот на правото на ЕУ, нагласи тој, не е и нема да го сметаме само како ваша „деловна активност“, туку и како политика за развој на македонскиот јазик и терминологија.
– Со оглед на бројот на страниците кои мора да се преведат, сега е моментот да ги искористиме можностите и да придонесеме за стандардизација на сопствениот јазик во аспекти каде тоа сѐ уште не е сторено, што е исклучително важно во случајот на македонскиот јазик. Затоа СЕП има цел да стане промотор и двигател на истражувачката дејност од областа на евро-жаргонот или правниот јазик на ЕУ за дополнување на стари и креирање нови поимници и терминолошки бази од специјализирани области, нагласи Димитров.
Јазиците, порача тој, можат да послужат како мост кон другите народи и култури преку промовирање на меѓусебно разбирање и заедничко чувство за европски идентитет, а ЕУ одамна „ги има срушено бедемите“ и успеа низ годините да создаде европски дух на заедништво и единство.
– Тоа е Унијата кон која се стремиме и тоа се вредностите и принципите кои и самите мора да ги практикуваме, живееме и да ги поттикнуваме, за колку што е можно поскоро да станеме и вистински дел од таа заедница, изјави Димитров.
Претседателката на Здружението на преведувачи и толкувачи Ана Попова Манасиевска, посочи дека бројот на членови се повеќе се зголемува и сега брои 110 членови.
– Верувам дека со бројноста ќе се зголеми и влијанието и моќта на здружението навистина да ги подобри работите во професијата. Како држава на прагот сме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ и денеска ќе чуеме повеќе што тоа значи за нас и нашата професија и како подобро да се подготвиме, изјави Манасиевска.
Клиентите по првичниот шок од пандемијата, порача таа, многу брзо се префрлија на онлајн средби и состаноци и барат од нас да преведуваме преку интернет, што како што посочи, покажува дека средината во која работиме се менува многу брзо и за да држиме чекор мора да бидем информирани и да ги предвидиме идните случувања.
Конференцијата се одржува во онлајн формат и се совпаѓа со јубилејот – 10 години од постоеоњето на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија.