Гир се надева дека преговорите со ЕУ ќе почнат во декември


Треба почесто да се среќаваме бидејќи имаме многу да работиме, порача премиерот Зоран Заев денес по средбата со новиот амбасадор на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.

Тој изрази задоволство од нацртот на преговарачката рамка и изрази надеж дека разговорите за неа ќе имаат успешна завршница на министерскиот состанок на ЕУ на 9 ноември, по што ќе се одржи првата меѓувладина конференција во декември.

-Наша намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Нема да дозволиме причини за нови одлагања.  За нас е прифатлив новиот принцип на реверзибилност доколку има деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но наша обврска е тоа да не се случи. Она што внесува оптимизам се сигналите од европските пријатели дека билатерaлните  прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата на завршните преговори. Со Бугарија сме сојузници во НАТО и имаме заедничка обврска да ги градиме добрососедските односи. Духот на добрата волја и пријателство кој произлегува од Договорот за соработка и пријателство не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите на двете земји со почитување на правото на самопределувањето и самоидентификација како темелни европски вредности, рече Заев.

Тој напомена дека амбасадорот Гир го почнува мандатот во време кога се соочуваме  со планетарна криза без преседан. Притоа му се заблагодари на помошта што Македонија ја добива од ЕУ во борбата со Ковид 19.

-На пат сме од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти место на нивно решавање. Со секој чекор, со секое отворање на  поглавје, со секој решен проблем работиме да го подобриме квалитетот на живот на секој граѓанин, рече Заев.

Амбасадорот Гир  рече дека мандатот го започнува кога сите едвај чекаат  да почнат преговорите на Македонија со ЕУ.

-Македонија постигна многу во реформите и во решавање на билатералните спорови со соседите и таа е пример за целиот регион. Нашите разговори денес беа за приоритетите на кои треба да се фокусира Владата. Треба да се реформираат сите области, особено владеењето на правото кое е едно од клучните кластери на ЕУ кое се отвора прво и затвора последно, рече Гир, додавајќи ги тука и  демократијата, човековите права, заштитата на животната  средина и одржлива економија.

-Напредокот во овие сфери ќе значи дека ЕУ ќе дојде во Македонија , што е суштината на процесот на пристапување, рече Гир. Тој ја нагласи потоа важноста и на добрососедските односи порачувајќи дека треба да продолжи нивното исполнување од страна на сите.

-Процесот на пристапување на ЕУ е врна цел која ги ангажира сите политички сили и затоа сакаме и  власта и сите други политички сили да се вклучат во него, рече Гир.

Запрашан дали се назира конечно датумот кога ќе биде одржана првата меѓувладина конференција, Гир рече дека дискусиите ќе продолжат во Советот откако ќе се постигне согласност со преговарачката рамка, но  Германија се надева конференцијата да се одржи пред крајот на годината.

На прашањето кога ќе  биде средбата со премиерот Бојко Борисов и дали ќе бара да се повлече меморандумот, премиерот Заев одговори дека во периодот не подоцна од 10 номеври очекува да ја  оствари посетата на Бугарија, а  дотогаш ќе работат на надминување на разликите со Софија, со оглед на тоа дека на 10 и 11 ноември ќе се одржи Берлинскиот процес на кој  двете земји се домаќини.

Во врска со  писмото испратено на Вартоломеј за решавање на црковното прашање во момент кога Бугарија отвора идентитетски прашања за нас,  и зошто во него се споменува „нашата земја“ место официјалното име, Заев рече дека со МПЦ се договориле одамна дека е добро по изборите да испратат писмо на Вартоломеј за да продолжи решавањето на ова прашање.Тој потврди дека во писмото навистина почесто се употребува  „нашата земја“,  но се споменува и  Северна Македонија, бидејќи меморандумот на писмото е на тоа име, објаснувајќи дека сакале да го користат и наративот на Црквата.

Околу тоа чиј е Гоце Делчев Заев одговори дека е македонски револуционер, но исто така е  факт  дека Бугарија и Бугарите го сметаат  бугарски, дека има град Гоце Делчев кај нив и Делчево кај нас,  дека во двете земји има негови споменици…Реалноста е дека преку историските личности треба да гледаме основа за градење уште подобри односи и  соработка меѓу двете земји и народи, рече Заев. Според него, ако ги избегнуваме историските моменти и ги ставаме проблемите под тепих и не разговарање за нив, тоа не е добра европска иднина за целиот Балкан и ЈИЕ, и токму затоа  имаме договори за пријателство – за да разговараме за нив и тие да не обединуваат.