Гир: Реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени


Реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени, смета евроамбасадорот Дејвид Гир. Според него, процесот за интеграција во ЕУ, што сега добива моментум по отворањето на преговорите и носи дополнителни барања што се поврзани со заштитата на човекови права и основни слободи, треба да се искористи тие да се придвижат  бидејќи на тој начин ќе се овозможи добро владеење и јавна доверба во институциите во овој многу чувствителен сектор.

-Дополнителни напори и волја се потребни од страна на Владата, Парламентот и политичките партии и другите чинители, не само поради процесот за преговарање со ЕУ, туку пред се заради интересите на граѓаните, рече Гир на годишната конференција организирама од  женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува денеска во Скопје.

– Надзорот и контролата на безбедносните и разузнавачките служби и нивната реформа е комплексна работа, меѓутоа е многу важен процес. Парламентот претставуваше посветен партнер во овој процес. Ние очекуваме постоечкото законодавство за следење да биде променето, со цел комисиите за надзор во Парламентот да функционираат подобро и Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Создавањето „заштитена соба“ треба да се случи без понатамошно одложување, истакна Гир.

Според него, безбедносните и разузнавачките служби укажале отвореност и волја да соработуваат со собраниската Комисија за надзор, како и граѓанското општество и ова, според него, е значаен чекор напред што бара поголема транспарентност и одговорност и со тоа ќе се зголеми јавната доверба во институциите.

– Министерството за внатрешни работи, исто така, е посветено кон реформите, меѓутоа треба да продолжи да го хармонизира своето законодавство со начелата и стандардите на ЕУ во однос на отчетноста, транспарентноста и безбедноста. Добар процес почна во Министерството за одбрана повторно со поддршка на оваа програма. Имено, Министерството работи за подобрување на родовата еднаквост во Министерството и Армијата. Се надеваме дека другите безбедносни институции во земјата ќе ја следат оваа практика, бидејќи родовата еднаквост е клучен меѓународен принцип и ЕУ е посветена на елиминирање на родовата нееднаквост, со цел да се подобри ефикасноста, нагласи Гир.

Во однос на правосудството, додаде Гир, ние сме охрабрени дека Академијата за судии и јавни обвинители обезбедува обуки за користење на посебни истражни мерки.

– Ефективноста на правосудната контрола и одговорноста на разузнавачките и безбедносните служби, зависи од независни актери коишто го вклучуваат граѓанското општество, медиумите и академската заедница. Овој неформален вид на надзор е од клучно значење во демократското општество. Како заклучок, реформата на безбедносниот и разузнавачкиот сектор треба да се одвива понатаму. Потребна е посветеност и работа од страна на политичкото лидерство и другите чинители со постојаната поддршка од оваа програма, заклучи евроамбасадорот на Конференцијата во рамки на „Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026)“.