Гир: Колку и да е влијателен тој што прави незаконски работи, треба да одговара

Оваа земја е на крстопат – мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија.
Според Гир, прво и најважно е да се бориме со корупцијата преку државните институции. Тие, како што вели, мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.
– Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради, обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан, нагласи Гир.
Борбата против корупцијата, нагласи тој, е да се создаде средина што ќе биде непријателски настроена кон лошите навики поврзани со коруптивното однесување.
– Се работи за зацврстување на клучните системи за интегритет преку реформи на системите за набавка и финансиско управување во државата. Поголема транспарентност и развој на капацитетите на државните институции за ревизии и антикорупција. Се работи за партнерство со бизнисите, како и партнерство со слободните и професионални медиуми кои ќе ги следат највисоките стандарди кои ќе бидат ослободени од закани, навреди или поткуп во каква било форма, рече Гир.
Евроамбасадорот на прес-конференцијата ја нагласи важноста на напорите за борба против корупцијата.
– Ова е предизвик во секоја земја. Во секоја земја напорите за борба против корупцијата постојано се обновуваат и приспособуваат на новите предизвици и можности со коишто се соочуваат нашите општества без разлика дали е тоа дигитална или зелена револуција, дали е тоа глобална пандемија, глобална енергетска транзиција или, пак, влијанието на руската војна против Украина, посочи Гир.
Проблемот, нагласува Гир, е огромен, но, како што кажа, има и напредок во изминативе години.
– Извештајот за напредок од октомври покажа дека државата задржа еден добар чекор во борбата со корупцијата. Некои институции покажаа одлучност да се справат со корупцијата. Граѓанското општество продолжува да игра улога буквално како чувар кој наметнува одговорност на јавните институции и на функционерите. И бизнисот може да игра битна улога како и медиумите коишто секогаш играат клучна улога. И тука не мислам на повторувањето на сензационални обвинувања, мислам особено на мачното исражувачко новинарство што го спроведоа неколкумина новинари во земјава и кои расветлија коруптивни и криминални однесувања и структури. И тие треба да бидат пофалени за тоа, заклучи Гир.
Всушност, додаде Гир, „во интерес е на оние кои имаат полза од корупцијата да ве тераат да мислите дека работите не можат да се применат, дека сите политичари, сите институции, сите судии, сите обвинители, целата полиција сите се корумпирани“.
– Да ве натераат да мислите дека е тоа природен тек на нештата и затоа дека е на некој начин прифатливо. Но, не е. И го немаме тој луксуз да размислуваме така ниту тука, ниту во ЕУ, потенцира Гир.
Според него, корупцијата, како и водата секогаш ќе си го најде патот – ако не се сретне со отпор тогаш ќе се распространи.
-Во Македонија корупцијата е присутна во одредени области. Таа тече низ дел од институциите во државата, преовладува во услужниот сектор. Зошто граѓаните да плаќаат дополнително за услуга за која што веќе платиле преку даноци? Зошто некои јавни позиции треба да се одредуваат врз основа на политичка припадност, место по заслуга. Зошто некои деца треба сериозно да работат за да ги добијат своите квалификации, а други не?, запраша Гир. Тој сепак испрати порака дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата, но дека таа мора да испорача конкретни резултати во борбата против ова современо зло.
„ Во повеќе наврати кажав дека нема да бидам политички коректна, особено имајќи ги предвид случувањата во правосудството. Не може некој да го руши системот од внатре, а за тоа да се нема одговорност. Независноста која ја дава Уставот не смее да биде сфатена како привилегија, како изговор за самоволие. Таа независност дава уште поголема обврска и уште поголема одговорност“, рече вицепремиерката за политики на добро владеење, Слаица Грковска.
Според неа,сите присутни во салата се одговорни за состојбите во државата, вклучително и за степенот на корупција.