Гир: Имаме многу добар систем на контрола и на проверка за реализација на проектите на ЕУ


Имаме многу добар систем на контрола и на проверка за реализација на проектите на Европската Унија,  изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали средствата што ги вложува ЕУ се коректно потрошени во земјава. 

Тој изрази задоволство од работната средба во Неготино. Гир рече дека е горд на поддршката што ЕУ ја дава во државава, во сферата на економијата, животната средина, подобрување на туристичката понуда, вклучително и во неготинска општина, особено во туризмот и зајакнување на богатата винокултура на овој простор. 

– Сакам да подвлечам дека парите коишто ние ги инвестираме, тоа се пари на даночните обврзници на ЕУ и треба да се осигуриме дека тие пари се трошат на соодветен и вистински начин.  И се разбира дека тоа значи две работи, дека тие проекти треба да бидат ефикасни и исто така дека ќе осигураме преку реализација на тие проекти долгорочно влијание врз животите на граѓаните, се разбира како што е од огромна важност да избегнеме корупција при имплементација на тие проекти. Се разбира дека и ние како ЕУ досега не сме имале таков случај, затоа што имаме многу добар систем на контрола и на проверка за реализација на проектите на ЕУ, нагласи тој. 

Гир се сретна со градоначалникот на Неготино Горан Стојанов, со членовите на Советот на општината, а на агендата е и средба со претставници на граѓанските организации. 

– На крај на оваа денешна посета исто така ќе имаме и можност да се сретнеме и со граѓаните, зошто тоа е многу важен дел, со цел да слушнам од граѓаните што им е важно нив, што претставува загриженост за граѓаните и се разбира од наша страна ние како ЕУ да ги разгледаме начините како да продолжиме со нашата идна соработка и со градоначалникот, меѓутоа и со граѓаните на општина Неготино, додаде Гир.

Задоволство од средбата изрази и градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов. 

– Разговаравме за проектите што ги имаме со поддршка на Европската Унија и за идна соработка. Ќе ги посетиме објектите финансирани од ЕУ, рече Стојанов.