Гинекологија апелира до пациентите да се јават на преглед само во исклучително нужна и итна ситуација

Фото: Б. Грданоски

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје упатува апел до пациентките кои имаат закажано преглед преку „Мој термин“ да се јават само во исклучително нужна и итна ситуација со цел намалување на приливот на пациенти, редуцирање на метежот во амбулантите и превенирање од ширење на коронавирусот.

Апелот особено важи за категоријата на пациентки од над 65-годишна возраст кај кои е највисок ризикот од евентуална зараза од коронавирусот.

– Заради утврдување на итноста од преглед на пациентките, ЈЗУ У ГАК ќе испрати циркуларно писмо до матичните гинеколози кои ќе треба да прават строга селекција на итност согласно состојбите на пациентките. Службата за известување при ЈЗУ У ГАК телефонски ќе ги информира пациентките за откажување на прегледи кои не подразбираат итно доаѓање на Клиниката за преглед, се вели во соопштението од Управата на ЈЗУ У ГАК.

Апелот до пациентките целосно да ги почитуваат мерките за превенција од коронавирус упатени од Министерството за здравство е согласно донесените мерки од Владата на Република Северна Македонија во функција за превенција од ширење на оваа болест.