Гинеколог оплодил пациентки без нивно знаење! Потврдени се 17 биолошки деца, јавноста згрозена


Еден, сега починат, гинеколог во Холандија вештачки оплодил жени кои сметале дека донаторот е анонимен, но тоа било со негови сперматозоиди,  и со тоа станал биолошки татко на 17 деца, соопшти денеска болницата каде што работел.

Јан Вилдшут работел од 1981 до 1993 година во болница во градот Цволе, на северот на Холандија. Најмалку 17 деца биле зачнати од практиката на вештачко оплодување на тој гинеколог кој исто така имал свое семејство, изјавија од болницата, кои ја оценија неговата работа како „морално неприфатлива“.

Институцијата, која порано се викаше болница  Софија, не ја исклучи можноста Вајлдшут да е биолошки татко на повеќе деца.

Болницата, која дозна за тоа на крајот на 2019 година, одлучи јавно да ја претстави работата на гинекологот со согласност на неговото семејство и децата родени под негов надзор.

Случајот е откриен случајно, кога едно од децата открило дека има слична ДНК како внукот на гинеколог, кој почина во 2009 година.

„Воопшто не се сомневавме дека тој може да биде донатор“, рече еден од родителите и додаде дека гинекологот остави пријателски и искрен впечаток.

Властите изјавија дека нема да започнат истрага затоа што во времето на тие дела немаше регулатива за третман на стерилитет.

Друга слична афера беше откриена во Холандија минатата година. Со ДНК-тест е утврдено дека поранешниот директор на банка за сперматозоиди, осомничен дека користел свои сперматозоиди наместо донаторски сперматозоиди, бил биолошки татко на 49 деца.