Гигафабриката на „Тесла“ во Германија повторно во застој, овој пат поради змии кои хибернираат


Змиите кои се во хибернација во овој период од годината, ги искомплицираа плановите на американскиот милијардер Илон Маск во врска со изградбата на гигафабрика во близина на Берлин.
Управниот суд во Франкфурт ѝ наложи на компанијата „Тесла“ да престане со сечење на шумата на локацијата што е планирана за изградба на фабриката во Грунхајд, откако еколозите предупредија дека масовната сеча на дрва може да ги загрози змиите кои хибернираат, пренесува Ројтерс.
„Ќе бидат консултирани Државната управа за заштита на животната средина (Landesumveltamt) и ‘Тесла’ и тие треба да ги достават своите мислења, а потоа ќе ја процениме ситуацијата“, изјави портпаролот на Управниот суд во Франкфурт.


Од „Tesla“ и од Ландесумвелтамт одбија да коментираат.
Дозволата на „Тесла“ да започне со изградба на првата европска фабрика и центар за проектирање зависи од условното одобрување на локалните власти надлежни за урбанистичкиот план, кои се должни да се консултираат со домашните еколошки организации и заедницата.
Новата фабрика за батерии на „Тесла“ во Германија ќе биде најголема во светот.
Активисти за заштита на животната средина од организацијата NABU за Ројтерс изјавија дека змијата смук, позната и како Coronella austriaca, може да хибернира во земјата на таа локација и дека сечењето дрвја може да ја наруши нивната хибернација.
Локалните власти ги разгледуваат и тврдењата на NABU дека уништувањето на шумите од страна на „Тесла“ може да го загрози живеалиштето на песочниот гуштер (Lacerta agilis).
Минатиот ноември американскиот производител на автомобили најави изградба на гигафабрика во Грунхајд, која, според плановите, треба да биде изградена и пуштена во употреба до 1 јули 2021 година и во неа ќе се произведува електричниот кросовер, Модел Y.