Ги снема странците, на Пелистер годинава само домашни гости


Во овој момент најмногу од луѓето што се на Пелистер се битолчани

Многу странски туристи кои престојуваа во Охрид поминуваа некој ден и на Пелистер. Сега нив ги нема. А целосно се откажани и организираните групи од Словенија, Чешка, Полска. Хотелот „Молика“ ги намали цените до 30 отсто за да ги привлече домашните гости

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Ниту нашинци од дијаспората, ниту странци нема да зачекорат на планинскиот убавец Пелистер годинава поради ситуацијата со корона кризата. Сите странски туристи одамна ги откажале аранжманите во туристичките капацитети на Пелистер, па сега менаџерите прават стратегија како да ги привлечат домашните туристи, кои исто така заради кризата немаат можност да патуваат на море или планина, во соседните земји или на други туристички дестинации.

Ако досега годишно Пелистер го посетуваа и до 35 илјади посетители, вклучувајќи ги и еднодневните посети на битолчани, сега таа бројка е драматично намалена. Последиците од драстичното намалување на обемот на работа, откажани резервации на странски посети и организирани групи бележи и најголемиот хотелски капацитет „Молика“ на Пелистер.

Битолчани, планинари, рекреативци и вљубеници во природата на Пелистер, пак секој слободен момент и за време на карантинот и сега го користат за искачување на врвот Пелистер, на Антена, на Големо и Мало Езеро, Камењарот, Болници, Орлови Бари, а речиси секојдневни се прошетките до Јоргов Камен и Копанки.

„Карантинот нѐ врза дома, ама откако попуштија мерките почнавме со пешачење до Неолица, Големо Езеро, Видиковец, низ патеките на Пелистер. Речиси секоја недела сме на Пелистер. Баба Планина е предизвик секогаш од ново, изобилува со живописна природа, со вода  и воопшто не е тешка за искачување. Има патеки и за рекреативно и за професионално планинарење“, вели Павлина Василевска, планинар од Битола.

Туристичките посети на Пелистер од нашинци од дијаспората и странски туристи позитивно влијаеше врз економијата на градот во изминатите години, а сега нивното отсуство е повеќе од забележително.

„Сто проценти сѐ е откажано од страна на нашинците и странските туристи. Се надеваме доколку од 1 август се отворат границите под специјален режим туристите ќе се вратат и на Пелистер и во Пелагонија, и ќе продолжиме со еднодневни тури“, вели Петар Нолев, планинарски водич.

Магична прошетка по патеките меѓу моликата

Сега туристичката посета на планината е најчесто индивидуална и претежно од битолчани, ни изјавија од НП „Пелистер“. Велат има и организирани групи, но поретко, и најчесто тие се поврзани со маркетингот на хотел „Молика“ или некои од битолските туристички агенции.

„Во изминатите лета, најчести посетители беа туристите кои летуваат во Охрид, пред сѐ Холанѓани, Израелци и други. Многу често голем број наши иселеници, дојдени во посета во родниот крај го посетуваат Пелистер, заради атрактивноста, заради носталгијата… Со престанок на работа на Детското одморалиште од пред неколку години, намален е и бројот на посети од нашата држава, бидејќи додека тука летуваа или зимуваа деца од градовите од Македонија, во посета им доаѓаа и нивните родители што влијаеше бројката да не се сведува само на посетители од Битола. Бројката на посетители годишно, според проценки на Паркот, е меѓу 30-35.000 илјади, вклучувајќи ги и еднодневните посети на битолчани“, вели Пеце Цветановски, портпарол на НП „Пелистер“-Битола.

Последниот период Црвени Стени стануваат посебна атракција на Пелистер заради поставениот статичен двоглед, преку кој целата долина на реката Сапунџица, до Орлови Бари и кон Пелагонија и Битола се гледа како на дланка и многу одблиску, вели Цветановски, од НП „Пелистер“.

Ист таков двоглед е поставен и на Антена, близу до споменикот на Мурато, што значи дека и таму се очекува зголемена посета на планинари и љубители на планината. Инаку, двогледите се добиени преку проектот И-ТУР за развој на туризмот во прекуграничниот регион со Грција, добиен со програма на ИПА, а каде носител на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот регион, а НП „Пелистер“ е партнер, велат од Националниот парк.

Поглед од Пелистер од кој запира здивот

Во изминатите месеци туризмот е еден од најпогодените сектори на глобално ниво кој секојдневно кумулира огромни загуби како резултат на светската пандемија предизвикана од корона вирусот, велат од хотелот „Молика“ на Пелистер.

„Хотелот ‘Молика’ тешко ја поднесува кризата. Изминатите години посетеноста од странски гости во хотелот беше солидна во текот на сите сезони од годината, но посебно во периодот од април до октомври кога хотелот го посетуваа странски гости од регионот што нѐ опкружува, но и организирани групи од Словенија, Хрватска, Чешка и Полска. За жал, уште во почетокот на март беа откажани сите резервации од странски и домашни гости до крајот на 2020 година. Од тие причини се фокусиравме на домашниот пазар и на економската моќ на домашниот гостин. Направена е комплетна анализа на состојбите со коригирање на ценовната политика до крајот на 2020 година со попусти од 20 до 30 отсто“, вели Николче Каровски, извршен директор на ЕЛЕМ Турс.

За време на изборната кампања битолчани добија ветување од кандидатите за пратеници дека ќе бараат од новата влада да вложи во патната инфраструктура на Пелистер, во рехабилитација на патот до хотелот „Молика“ и до ски-центарот „Ниже Поле“.