Ги напуштија министерските, седнаа на директорски фотељи – Ангеловска и Дураку одат во Телеком


Поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска и Садула Дураку, кој беше министер за животна средина до 2019 година, а претходно и министер за земјоделство, влегуваат во управувачките структури во Македонски телеком. Во Телеком влегува и Зоран Китанов, пораншниот прв човек на ЈП за државни патишта, кое според коалицискиот договор сега го води кадарот на ДУИ, Ејуп Русстеми.

Како што објави Владата, на вчерашната седница меѓу повеќето кадровски смени во јавни претпријатија, таа му препорача на Собранието на акционери на Македонски телеком, Акционерско друштво за  електронски комуникации  – Скопје, да ги отповика од должноста членови на Одборот на директори и тоа Сашо Велевски од неизвршен член, Замир Мехмети од неизвршен независен член, Дивна Ефтимовска од неизвршен независен член, Мирослав Вуиќ од неизвршен член и Сашо Симјановски од неизвршен член на Одборот на директори, а за членови  на Одборот на директори да ги избере: Шкодране Зенуни Дарлишта за неизвршен член, Бардул Насуфи за неизвршен член, Зоран Китанов за извршен член, Нина Ангеловска за неизвршен независен член, Садула Дураку за неизвршен независен член и Аќиф Мехдиу за  неизвршен член.