Гевгеличани изминатата година прочитале 20.000 книги


Фото: Б. Грданоски

Седумстотини членови на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија минатата година прочитале околу 20.000 книги што, според библиотекарите, е помалку од порано, но сепак претставува бројка за почитување.

– Имаме читатели кои годишно читаат и по сто и повеќе книги од богатиот фонд на библиотеката, но доколку направиме просек, според нашата евиденција, излегува дека секој член годишно чита околу 30 книги и така доаѓаме до бројката од 20.000 прочитани книги во текот на една година, велат библиотекарите.

Книжниот фонд на библиотеката нуди 60.000 монографски публикации, референтна литература, вкоричени дневни весници и списанија, ракописи, документи, албуми и видео материјали.

Според статистиката на библиотеката, изминатата година гевгеличани најмногу читале белетристика на љубовна тема, трилери и авантуристички романи од познати писатели, а учениците најмногу биле посветени на читање лектири.