Гешев побара да му се одземе пратеничкиот имунитет на Борисов за да биде обвинет


Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, до писарницата на  Народното собрание поднесе барање за одземање на имунитетот на Бојко Борисов, кој во моментов е пратеник. Предлогот е даден од надзорен обвинител од градското обвинителство на Софија и во него се наведува дека е неопходно да се спроведат истражни дејствија во случајот, вклучително и приведување на обвинетиот.

Според одлуката на Централната изборна комисија од 8 април  Борисов е пратеник и е лице со имунитет, потсетуваат од обвинителството. Според уставот, кривично гонење против пратеник може да се започне само со дозвола на Народното собрание или со писмена согласност на Бојко Борисов. Тој одби да го стори тоа.„Не, апсолутно не“, рече тогаш Борисов на прашањето дали ќе се откаже од пратеничкиот имунитет.

Поднесеното барање значи дека Борисов сега ќе треба да се изјасни дали сам ќе се откаже од имунитетот. Ако не го стори тоа, парламентот ќе мора да формира комисија за ова прашање. Предлогот, кој софиското градско обвинителство го упати до јавниот обвинител, сега потпишан од Гешев, е подготвен во врска со предистражната постапка, позната во медиумите како „Барселонагејт“, во која се собираат докази за перење пари.

„Од доказите собрани во текот на предистражната постапка, може да се заклучи дека поранешниот премиер на трети лица им обезбедил да се стекнат со сретства преку стореното кривично дело за купување и закуп на недвижен имот во странство“, беше објавено во кусото соопштение на обвинителството пред неколку дена.

Минатата недела Борисов беше повикан на распит за случајот, по што неговиот адвокат Менко Менков соопшти дека веројатноста тој да стане обвинет е нула. Пред неколку дена за случајот беа сослушани бизнисменот Валентин Златев и поранешната манекенка Ивајла Бакалова.

„Барселонагејт“ е истрага за куќа во Барселона која води до шема за перење пари поврзана со поранешниот премиер Бојко Борисов. Во случајот е вмешано и името на поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева, која е осомничена дека користела од шемата, а со која Борисов наводно има дете. Во 2018 година, каталонското издание „Периодико“ објави дека локалните власти проверуваат дали таа е поврзана со Борисов.

Аферата „Барселонагејт“ беше спомната од државниот обвинител Иван Гешев кога ја поднесе својата оставка пред две недели. Потоа изјави дека  обвинителот што работи  на случајот добил порака преку неколку лица од шефот на националната истрага, Борислав Сарафов, да го затвори. Подоцна Сарафов даде пример со „Барселонагејт“ дека така се решаваат клучните предмети во обвинителството. Самиот денеска призна дека случајот „Барселонагејт“ го чува на парчиња, како што вели, „за да може да им ги извртува рацете на политичарите“. Набргу потоа, обвинителството објави дека случајот не е „завршен“ и дека „огромен број документи“ се уште се преведуваат од шпански и други јазици.