Германското МНР не го коментира бугарскиот меморандум, историјата нека им остане на историчарите


Германското Министерство за надворешни работи одбива директно да го коментира бугарскиот меморандум за преговорите на Северна Македонија со ЕУ, но вели дека останува валидна формулата на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, според која историјата треба да им се остави на историчарите.

Ваков одговор од германското Министерство за надворешни работи добиле од Дојче веле на прашањето за коментар на бугарскиот меморандум.

Одговорот, според Дојче веле, е всушност упатување на интервју на директорката на одделението за Западен Балкан во германското МНР, Сузане Шулц за Балкан Инсајт од август годинава.

-Обете земји треба да ги решаваат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, односно во комисијата на историчарите, рекла тогаш Шулц и додала дека очекува претстојното копретседателство на двете земји со Берлинскиот процес да биде уште една можност да се надминат билатералните недоразбирања.

Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн, пак, денеска во интервју за Радио слободна Европа порача дека, според мислењето на нејзината, но и на други земји-членки на ЕУ, „билатералните спорови не треба да се ставаат во преговарачката рамка, туку треба да се реашаваат билатерално“.

Во интервју за германското радио Дојчландфунк, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров порача дека е невозможно воопшто да се преговара за македонскиот јазик.

-Во меморандумот, како и претходно, Бугарија инсистира дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и бара тој посебно да се одбележи во сите документи на ЕУ. Македонскиот јазик е наше прашање и не треба да биде прашање на признавање од било која друга земја. Не во Европа во 21 век. Пријателството мора да биде базирано врз признавање на правото на самоопределување на денешните генерации, но исто така и на хероите од минатото кои се важни и за Бугарија и за нас, рече Димитров за Дојчландфунк.

Тој додаде дека е невозможно некој да го спори правото на самоизразување и самоопределување.

-Правото да се изразите на својот јазик значи самоопределување. Македонскиот јазик е во центарот на она што сме. Тој е камен-темелник на нашиот идентитет, потенцира Димитров.