Германските власти предупредуваат: Вториот бран од коронавирусот е тука


Германија – Со секојдневното зголемување на бројот на заразени лица со коронавирус, во германската јавност сè повеќе се слушаат предупредувања дека вториот бран на епидемијатаја погоди таа земја, а загриженост изрази и државниот институт за заразни болести.

– Вториот бран на коронавирус е веќе тука. Тоа се случува секој ден. Сега секој ден имаме жаришта на инфекција што може да се претворат во многу големи бројки, изјави претседателот на саксонската Влада Михаил Кречмер за Раиниш Пост.

Неговите зборови се совпаднаа со објвата на државниот институт „Роберт Кох“ (РКИ) дека има значително зголемување на нови инфекции од околу 500 на околу 800 во изминатата недела.

– Овој развој е загрижувачки и РКИ ќе продолжи да го следи внимателно. Мора да се избегне понатамошно влошување, рече портпаролката на Институтот во изјава за ДПА.

Во Германија досега најмалку 205.269 луѓе биле инфицирани од почетокот на епидемијата, од кои 9.118 починале. Се проценува дека оздравеле 189.800 лица.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека зголемувањето на бројот на заразените е „главно поврзано со патувања, враќање на патниците од некои региони, од кои некои се од Западен Балкан и Турција“.

Тој вели дека прашањето е „дали тоа сега ќе се претвори во бран или ќе можеме да го разбиеме заедно, односно брзо да го идентификуваме и спречиме преносот на инфекцијата. Ова бара насочено, но во исто време и скапо тестирање“.