Германските туристички агенции ќе загубат 10,8 милијарди евра

Германскиот туристички сектор процени денеска дека до средината на јуни поради забраната за патувања, воведена со цел да се спречи ширењето на пандемијата на корона вирусот, ќе загуби до 10,8 милијарди евра.

„Работењето на патничките агенти и оператори речиси е целосно прекинато со владината уредба за забрана на меѓународни патувања, која истекува кон средината на јуни“, наведе во соопштение претседателот на Германското здружение за патувања, Норберт Фјебиг.

Освен загубата на заработувачката, турустичкиот сектор е оптоварен и со трошоци за надомест на клиентите за откажаните патувања, нагласи Фјебиг, барајќи од државата итна програма за неповратна помош.

Според него, две третини од германските патнички компании веќе се соочени со банкрот. „Политичарите веќе не можат со прекрстени раце да гледаат како патничките агенции и туроператори остануваат без приходи“, порачува Фјебиг.

Германскиот владин комесар за туризам Томас Бареис минатиот викенд повика за формирање фонд за туристичка помош доколку Берлин не успее да ја убеди Европската комисија да ги ублажи регулативите за исплата на надоместоци за откажаните патувања.

Германија се залага на компаниите да им се овозможи издавање на ваучери. (МИА)