Германските социјалдемократи ќе бараат укинување на ветото во ЕУ, како она на Бугарија


Директорот на Фондацијата „Фридрих Еберт, Жак Папаро, изјави дека во Германија не го разбираат однесувањето на Бугарија и нејзината блокада на Македонија

 

Доколку победат на изборите в недела, а Олаф Шолц стане канцелар на Германија, социјалдемократите ќе побараат во ЕУ да се укине принципиот на едногласност во ЕУ при донесувањето одлуки. Со тоа би отпаднало правото на вето, особено на помалите земји, како што сега тоа го прави Бугарија со блокадата на Македонија и процесот на проширување во Западен Балкан.

Ова во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) го изјави директорот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Софија Жак Папаро, кој рече и дека после тоа ќе остане само лошиот вкус кај оние држави што го користеле правото на вето.

Папаро (кој е Бугарин по потекло, роден во Софија), одговарајќи на прашањето на новинарката каква ќе биде политиката на неговата Социјалдемократска партија во однос на бугарската блокада на Македонија за преговорите со ЕУ и дали ќе има зголемен притисок врз Софија, одговори дека во германското општество не го разбираат однесувањето на Бугарија.

„Притискање не е точниот термин. Има дипломатски патишта и начини за водење на преговори. Позицијата на Бугарија не е сосем разбирлива во германското општество и во мојата партија. Пред извесно време зборував со еден пријател, новинар, кој ми кажа еден цитат од Шимон Перес: ‘Треба да се подготвуваме да водиме војни за минатото, а да се бориме за иднината’.

Од таа гледна точка јас мислам дека во случајот (блокадата на Македонија – н.з.) има многу емоции и не се гледа нешто рационално. Како се гледа на тоа на Запад? Европа беше формирана за да се избегнат крвопролевањата од минатото…“, рече Папаро, но новинарката го прекина велејќи дека во конкретниот случај со блокадата не станувало збор за национални катастрофи. На тоа Папаро (кој зборуваше на бугарски јазик) ѝ одговори:

„Социјалдемократите во својата програма се залагаат да го надминат принципот на едногласнопст во ЕУ при донесувањето одлуки, што значи дека правото на вето ќе отпадне. А тоа значи дека ќе се донесе решение и ќе остане само лошиот вкус кај оние држави кои го користеле правото на вето“.

Денеска еврокесарот за проширување Оливер Вархеи, беше на разговори во Софија со претседателот Румен Радев и службениот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, и во разговорите го пречека вистински ѕид на одбивање и барање Македонија да ги оствари сите барања на Софија или нема кревање на блокадата. Па дури Радев побара од Вархеи европските институцуии да се „грижеле за човековите права на 120.000 граѓани со бугарски државјанства“ во Македонија. (Н.В.)