Германските машиновозачи стапуваат во нов 24-часовен штрајк, втор за помалку од еден месец


Германските машиновозачи синоќа стапија во 24-часовен штрајк со што вторпат за помалку од еден месец ќе биде прекинат меѓународниот, регионалниот и приградскиот железнички сообраќај, како дел од тековниот спор околу платите, јави ДПА.

Националниот штрајк, што почна синоќа во 22 часот  и ќе трае до вечерва до 22 часот, најверојатно ќе доведе до откажување на илјадници возови. ДПА објаснува дека од 18 часот денеска во прекин ќе биде и товарниот превоз.

За време на штрајкот, додава германската агенција, ќе важи возен ред за итни случаи, со значително намалени услуги.

Последната акција доаѓа во време на затегнати разговори за колективниот договор за платите и работното време меѓу синдикатот на машиновозачите ГДЛ (GDL( и раководството на националниот железнички оператор „Дојче Бан“.

ГДЛ бара пократко работно време за машиновозачите и значителни покачувања на примањата. 

Последниот еднодневен штрајк на машиновозачите беше во средината на ноември.

Лидерот на ГДЛ, Клаус Веселски, на 24 ноември изјави дека пеговорите се неуспешни, откако раководството на „Дојче Бан“ понуди помали зголемувања на платите, но целосно ја отфрли можноста за скратување на полното работно време.

„Дојче Бан“ излезе со оценката дека последниот штрајк е „неодговорен и себичен“ и го обвини синдикатот дека им го уништил викендот на милиони редовни патници кои не се вклучени во спорот.