Германските машиновозачи се подготвуваат за штрајк


Германскиот синдикат на машиновозачи ГДЛ денеска најави дека ќе штрајкува во наредните денови, по ескалација на спорот за платите со железничката компанија Дојче Бан.

Штрајкот ќе трае од 10 до 12 јануари, најави синдикатот. На 9 јануари штрајкуваат машиновозачите за превоз на товар.

Синдикатот во декември најави дека ќе штрајкува неколку дена по божиќните празници. Дојче Бан соопшти дека ќе се обиде да ја запре мерката преку судот за труд во Франкфурт.

Машиновозачите веќе одржаа 24-часовен штрајк на почетокот на декември, последен во 2023 година, откако преговорите меѓу синдикатот и Дојче Бан пропаднаа на крајот на ноември.

ГДЛ бара намалување на работното време од 38 на 35 часа неделно за работниците во смена, како и зголемување на платата за 555 евра месечно и еднократен надоместок поради инфлација во износ од 3.000 евра.