Германскиот виролог Дростен: Времето на самоизолација треба да биде пет дена

 

Германскиот виролог Кристијан Дростен од Универзитетската болница „Шерите“ во Берлин смета дека времето на самоизолација треба да се скрати на пет дена. Смета дека со тоа ќе се одржи нивото на прифаќање на епидемиолошките мерки во општеството.

Во изјава за Ен-де-ер оцени дека самоизолација од пет дена е на самата граница на епидемиолошки прифатливото, пренесе Индекс. На оние кои се во самоизолација им порача дека не треба времето да го трошат на тестирање, туку да се тестираат по периодот на самоизолација.

Дростен смета дека заразените со корона вирус се најинфективни во првите пет дена, но спомна дека тоа е недокажана теорија. Неговата изјава предизвика расправа во германската јавност, па дополнително објасни дека неговиот предлог се однесува на таканаречените кластери на инфицирани, а не на сите воопшто.

За скратување на задолжителниот карантин за оние кои се сомнителни на корона вирус се изјаснија и здравствените стручњаци од некои германски партии. Меѓу нив е и пратеникот на Социјалдемократската партија СДП Карл Лутербах, кој порача дека карантин од пет дена е доволен затоа што знаеме дека повеќето луѓе пет дена од почетокот на симптомите веќе не се заразни.

Стручњак за здравство од либералната ФДП, пратеничката Кристине Ашенберг-Дугнус, исто така ја поддржува идејата за изолација од пет дена. Смета дека на тој начин народот повеќе ќе ги прифати мерките. Слично мислат и Зелените.