Германскиот производител на дронови „Квантум системс“ бил цел на кибернапад


Германскиот производител на дронови „Квантум системс“ соопшти дека бил цел на кибернапад кон крајот на октомври, јави ДПА. Компанијата со седиште во Минхен соопшти дека интерна истрага идентификувала активен кибернапад од „непријателски актери“.

„Заканата беше контролирана благодарение на брзиот одговор на нашите ИТ и безбедносни тимови, кои тесно соработуваа со надлежните органи и со целосна транспарентност“, се вели во соопштението на компанијата.

Производителот увери дека нема ризик за крајните корисници и операторите при користење на беспилотните системи на „Квантум системс“.

„Инцидентот се истражува во соработка со владини органи, како и со надворешни и внатрешни експерти за кибербезбедност“, се додава во соопштението.

Според извештајот во „Фајненшл тајмс“, германските вооружени сили ги повлекле дроновите на компанијата како превентивна мерка. Министерството за одбрана одби да коментира за медиумските извештаи.

Дроновите на „Квантум системс“ ги користат и украинските вооружени сили во нивната одбрана од Русија.