Германскиот придонес кон ЕУ буџетот би можел да биде двојно поголем


Ако биде усвоен предлогот на Европската Комисија за укинување на принципот на попуст, придонесот на Германија кон буџетот на ЕУ би се зголемил од 15 милијарди евра на 33 милијарди во 2027, анализираат германските експерти.

Дебатата за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 не донесе резултати на минатиот ЕУ Самит, меѓу другото поради несогласувањата околу принципот на попуст.

Европската Комисија предлага да се укине попустот, воведен за Обединетото Кралство во времето на Маргарет Тачер, со оглед на тоа дека Британците треба да ја напуштат Унијата. Франција и Италија се меѓу земјите кои најмногу инсистираат да се укине овој принцип. Меѓутоа, за Берлин тоа би значело зголемување од сто отсто на придонесот за европскиот буџет. Германскиот нето придонес би бил најголем од сите земји членки (за сега е најголем во бруто износ).

Германското министерство за финансии предупреди дека со Брегзит и новиот предлог на Европската Комисија, нивниот придонес кон европскиот буџет би бил “диспропорционално голем“ во споредба со другите членки.

Комисијата смета дека за идната финансиска рамка потребен е буџет од 1,11 отсто за да се надомести британското истапување од Унијата.

Германија, Шведска, Холандија, Данска и Австрија се сите пет плаќаат повеќе отколку што добиваат назад од ЕУ и се противат на укинувањето на попустот. Според проекциите на ЕК, францускиот придонес би бележел многу помало зголемување благодарение меѓу другото на укинувањето на попустот.

Ангела Меркел на последниот Самит предупреди дека ќе стави вето на било кој буџетски предлог кој не го содржи попустот.