Германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ предлага арбитража за блокадата на Бугарија
Арбитражниот трибунал би имал пет члена: еден би бил од ЕУ, еден од Германија, еден од САД и по еден од Бугарија и Македонија
Пратеникот во германскиот Бундестаг, кој ќе биде дел и од неговиот нов состав, Јосип Јуратовиќ (СПД), предлага решение за блокадата на Бугарија на европските интеграции на Македонија и решавање на спорот меѓу Софија и Скопје, преку арбитража. Јуратовиќ во досегашниот состав беше известител на Бундестагот за Југоисточна Европа.
Според она што се дознава, неговата иницијатива е да се формира Арбитражен трибунал од пет члена: еден би бил од ЕУ, еден од Германија, еден од САД и по еден од Бугарија и Македонија. Јуратовиќ предлага Арбитражниот трибунал да работи на решавање на предметот на спорот, но додека трае неговата работа да биде одблокиран почетокот на преговорите за членство на Македонија.
Дали оваа иницијатива на Јуратовиќ е е една од оние „многу добри идеи што треба да се разгледаат“ (како што рече Урсула фон дер Лајен во Скопје) не е јасно. Но јасно е дека улогата на Јуратовиќ како известител за Југоисточна Европа (што значи клучен човек во германскиот парламент за овој регион) сигурно ќе добие на поголема тежина доколку по победата на изборите и исходот од коалициските разговори неговиот сопартиец од Соцајалдемократската партија, Олаф Шолц, стане канцелар.
Пред некој ден Јуратовиќ во разговор за белградскиот весник „Данас“ изјави дека по 16 години модераторска политика на Ангела Меркел Германија ќе мора да преземе порешителни чекори и во Европа и во Западниот Балкан. На прашањето зошто Меркел беше толку благонаколона кон српскиот претседател Александар Вучиќ и Србија за време на нејзината неодамнешна посета на Белград, Јуратовиќ одговори:
„Искрено речено, не го разбрав тој циркус кој Ангела Меркел го спроведуваше спрема Западен Балкан во текот на изборната кампања. Особено не нејзините оди за господинот Вучиќ во ситуација кога знаеме дека Србија не отворила ниту едно ново поглавје на патот кон ЕУ уште од 2019 година… Уверен сум дека новата влада на Германија ќе биде благонаклона и понатаму кон луѓето од Западен Балкан, но сигурно нема да прогледува низ прсти како во регионот се игнорираат демократските вредности“.
Според Јуратовиќ, ако Западен Балкан сериозно треба да се стави како висок приоритет во ЕУ не е доволен само Берлинскиот процес, „кој според мене сѐ повеќе личи на патувачки циркус, зашто таму резултатите се исклучиво во склопот на економските интереси, а премалку во развојот на општеството и демократските вредности“.
Тоја оценува дека Меркел била „совршен модератор на постојното, без политички идеи и визии. Новата коалиција во Германија ќе мора интензивно да се занимава со демократизација на Западниот Балкан, ако ѝ е важно регионот навистина еден ден да биде дел од ЕУ“. (Н.В.)