Германскиот хемиски гигант укинува 2.600 работни места


Германскиот производител на хемикалии БАСФ ги објави плановите за укинување на 2.600 работни места за да ги намали трошоците, откако последниот квартал од 2022 година го заврши со загуба. Нето загубата на БАСФ во четвртиот квартал изнесува 4,8 милијарди евра, објави компанијата. Во истиот период од претходната година работеше со нето добивка од 898 милиони евра.

Добивката пред камати и даноци (EBIT) пред посебни ставки е за 69,6 отсто помала во последниот квартал од минатата година во однос на истиот период во 2021 година, и потона на 373 милиони евра. Приходите се намалени за 2,3 отсто, на 19,3 милијарди евра, главно поради помалиот обем на продажба, покажува деловниот извештај.

Компанијата ги истакна минатогодишните вонредни трошоци, од околу 6,3 милијарди евра, главно поврзани со загубата поради оштетување на нејзиниот удел во производителот на гас и нафта Wintershall Dea AG. Винтершал Деа го одвои истражувањето и производството во Русија од билансот, што резултираше со ревалоризација на тој дел од бизнисот, објаснува БАСФ .

Тие, исто така, го истакнуваат отпишувањето на бизнисот за транспорт на гас на Винтершал Деа во Европа, вклучувајќи го и отпишувањето на нејзиниот удел во конзорциумот Северен тек и финансирањето на гасоводот Северен тек 2, кој беше тешко оштетен во експлозиите минатиот септември.

Винтершал Деа е еден од членовите на конзорциумот, заедно со германскиот E.ON, холандскиот Gasunie и францускиот Engie. Мнозински сопственик е рускиот производител на гас Гаспром, со 51 процент од акциите.

Компанијата најави конкретни мерки за заштеда на трошоците во Европа и прилагодување на производните структури во фабриката „Вербунд“ во Лудвигсхафен. Програмата за заштеда на трошоци ќе се спроведува оваа и следната година и ќе биде фокусирана на Германија, најавија оттаму. Програмата за намалување на трошоците на крајот треба да генерира годишни заштеди од повеќе од 500 милиони евра до крајот на 2024 година.