Германскиот автомобилски гигант се откажува од фабриката за батерии во Источна Европа


Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ денеска објави дека засега нема да гради нова гигафабрика за батерии за електрични возила (EV) во Источна Европа поради слабата побарувачка.

Извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блум, изјави дека со оглед на моменталната состојба на пазарот, вклучително и побавниот раст на побарувачката за електрични возила, во моментов нема деловни причини за изградба на нова гигафабрика во Европа, пренесува Ројтерс.

Германската компанија разгледувала локации за изградба на фабрика за електрични батерии во Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

Блум оваа недела се сретна со претставници на Чешката Република кои беа заинтересирани за оваа инвестиција за да ја обезбедат иднината на нивната автомобилска индустрија, која претставува многу важен сегмент од чешката економија.

Чешките власти изјавија по изјавата на Блум дека ќе им ја понудат локацијата што ја предложиле на Фолксваген на други инвеститори, велејќи дека повеќе не можат да чекаат на одлука.

Фолксваген претходно веќе избра локации за изградба на своите три гигафабрики, во германски Салцгитер, шпанска Валенсија и градот Сент Томас во Канада.