Германски волонтери прават ново катче во Градски парк


Деновиве во Скопје престојува група волонтери од Бон, Германија и во Градскиот парк ја реализираат идејата за ново пријатно катче преку една необична инсталација.
Се работи за кружна патека од различни материјали: парчиња од дрвја, природни камења, тревник, калдрма, цементирани плочи и други материјали кои ја подобруваат циркулацијата односно ќе треба да го поттикнуваат движењето, да ги активираат сетилата а со тоа да даваат и добар здравствен ефект кај децата. Идејата е децата да газат и да се движат боси, а до самата патека ќе биде поставено и ормарче за чевли. Во средината на катчето ќе биде поставен сончев часовник каде преку сенката на детето ќе може да се види колку е часот.
Антје Калерт и Никлас Рот се двајца консултанти од одделот за финансирање на Градот Бон. Нивната прва посета во Скопје била минатата година со уште пет едукатори каде заеднички размислувале за изработка на креативен проект во градот. Седум тренери, стручни волонтери, двајца луѓе од театарот и уште неколку од градинарството и хортикултурата, секторот за Улици и Патишта и Паркови и Зеленила се дел од овој проект и соработка помеѓу Град Скопје и Град Бон. Проектот финансиски е поддржан од Европската унија, а патеката ќе биде отворена до 15-ти април.
Град Скопје и Град Бон соработуваат од 2015 година преку проекти како Ерасмус Плус и Најстуворквитју. Соработката се заснова на идејата како Градот Скопје да се промовира во урбаниот туризам.