Германски суд осуди Русин за убиство по државна наредба


Германски суд денеска осуди руски државјанин за убиство на Чеченец во Берлин пред две години, наведувајќи во пресудата дека злосторството го извршил по налог на руската влада.

Регионалниот суд во Берлин објави дека руските безбедносни служби му дале на 56-годишниот Вадим Красиков лажен идентитет, лажен пасош и средства за извршување на нападот во август 2019 година. Судот го прогласи Красиков за виновен за убиство и го осуди на доживотен затвор.

Во образложението на пресудата, судиите наведоа дека Красиков сноси „особено тешка одговорност“ за убиството, што значи дека по 15 години нема да има право на автоматска условна казна, што е вообичаено во Германија.

Официјален Кремљ ги нарече „апсолутно неосновани“ тврдењата за вмешаност на Русија во убиството во Берлин.

Убиството на Зелимхан „Торника“ Хангошвили (40), грузиски државјанин од чеченска националност, во август 2019 година предизвика гнев во Германија и ги зголеми дипломатските тензии меѓу Русија и Германија. Тоа ја поттикна германската влада да протера двајца руски дипломати, на што Москва реципрочно одговори.