Германски пратеник поднесе оставка поради лобирање за ВМРО-ДПМНЕ
Тобијас Цех (ЦСУ)преку неговата компанија му давал консултантски услоги на ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време како пратеник присуствувал во кампањата за изборите во 2016 година
Два локални весници од Баварија („Пасауер ное пресе“ и „Минхнер меркур“) му ја запечатија кариерата на пратеникот од Христијанско-социјалната унија, Тобијас Цех, поради тоа што неетички, па и незаконски, добил десетици илјади евра за да лобира за ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година во обид да ја разубави сликата за Никола Груевски во Германија, тогаш силно погоден од аферата со прислушувањето.
Ова истражување на двата весника потоа го пренесоа мејнстрим медиумите во Германија и Цех мораше веднаш да поднесе оставка од своето пратеничко место, што е уште еден од скандалите кои ја потресоа владата на канцеларката Ангела Меркел, кога поради аферите со маските од Бундестагот се повлекоа тројца други пратеници.
Цех го објасни својот потег со текстуална порака до своите партиски колеги: „Ова го правам за да го заштитам моето семејство и да избегнам штета на мојата партија преку можни предрасуди“.
Тие „предрасуди“ во германската политика не се воопшто наивни. За нив се поднесува оставка. Цех во пораката, како што објавува Германската прес агенција во Минхен, пишува дека за неговите активности поврзани со ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил известуван претседателот на Бундестагот и тие биле достапни и во парламентот.
„Сепак, од денешна гледна точка и во светло на тековната дебата јас би ги оценил поинаку своите договорени секундарни активности од 2016 година и сега не би ги извршувал“, вели Цех.
Пратеникот кој влезе за прв пат во парламентот во 2013 година заедно со неговата консултантска компанија биле активни во изборната кампања во Македонија во 2016 година работејќи за ВМРО-ДПМНЕ. Но, не само тоа, тој присуствувал во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ како член на парламентот, во истото време кога добивал и пари како консултант.
Генералниот секретар на ЦСУ (баварскиот партнер на ЦДУ на Меркел), Маркус Блуме, потврди дека Цех поднесол оставка поради „конфликт на интереси“. Според Блуме, етичкиот комитет на ЦСУ врши истрага за овој конфликт на интереси. Тобиас Цех уште вели: „Мислам дека легално нема конфликт. Но политички не можете да се однесувате така“.
Истражувајќи ја приказната „Шпигел“ пишува дека не знае точно колку илјадници евра добил Цех и дали неговата улога била да му ангажира состаноци на Груевски со високи германски политичари, како средбата со тогашниот лидер на ЦСУ, Хорст Зехофер, кој сега е германски министер за внатрешни работи.
Никола Груевски во 2016 и 2017 година беше во потрага по политички контакти кои ќе му го подобрат урнатиот политички углед. Тоа се обиде безуспешно да го направи на конгресот на Европската народна партија на Малта во април 2017, а и на средби во Германија. (Н.В.)