Германски медиуми: Оставката на Заев е пораз на ЕУ


Поразот на Зоран Заев може да се гледа и како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување кон Западен Балкан, оценуваат весниците на германски јазик, пренесува Дојче веле

 

„Во мај 2017 година, Зоран Заев стана премиер на Македонија. Во октомври 2021 година, тој ја објави својата оставка. Северна Македонија – членка на НАТО од март 2020 година – во голема мера е оставена на своја рака во безбедносната политика. Вака би можеле да се опишат изминатите четири и пол години во таа балканска земја, но и наследството на Заев. Но, недостига еден важен аспект: на мандатот на Заев влијаеше не само тоа што му успеа, туку пред сѐ она што му беше ускратено“, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Точно е дека Заев успеа да ја преименува Македонија во Северна Македонија и со тоа да ја убеди Грција повеќе да не го блокира приемот на земјата во НАТО. Дома, преименувањето беше храбар, речиси храбар маневар. Храброста, сепак, не се наградува. Или во најдобар случај, беше наградена со утешна награда – членство во НАТО. Но, Заев не ја оствари својата основна политичка цел – почеток на преговорите за влез во ЕУ. Не е тој виновен. Напротив“, оценува германскиот весник.

„Случајот на Заев може да биде пример во регионот. Можно е премиерот во заминување на Северна Македонија да биде последниот премиер во регионот кој бил подготвен да преземе голем политички ризик заради т.н. европските перспективи на својата земја. Затоа поразот на Заев може да се гледа како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот“, се заклучува во написот потпишан од новинарот Михаел Мартенс.

Настаните во Скопје слично ги гледа и швајцарскиот „Ное цирхер цајтунг“: „Исчезнувањето на европската перспектива за земјите од Западен Балкан има многу жртви. Последен е премиерот на Северна Македонија во оставка. По поразот на неговата социјалдемократска партија на локалните избори, Зоран Заев се огласи и поднесе оставка на премиерската функција и претседател на партијата. Како резултат на тоа, оваа мала земја во Југоисточна Европа се лизга во владина криза, чиј исход е тешко да се предвиди“.

„Заев рече дека неговата партија ќе му претстави нов кандидат за таа функција на шефот на државата Стево Пендаровски. Сепак, неизвесно е дали ќе добие поддршка во парламентот. Коалицијата на социјалдемократите и двете партии на албанското малцинство има само мало мнозинство. Лошите резултати на локалните избори може да доведат до смена на некои пратеници. Претседателот на националистичката опозициска партија ВМРО, Христијан Мицкоски побара нови избори во неделата навечер“.

Швајцарскиот весник наведува дека во Северна Македонија владее „огромна фрустрација поради секогаш новите пречки во европската интеграција – што го крие фундаменталното одбивање на проширувањето од страна на голем број членки на ЕУ“. Тоа растечко незадоволство „сѐ повеќе беше насочено против Заев, па дури и многу негови симпатизери сметаат дека промената на името не се исплатела. А националистичката опозиција и онака секогаш го отфрлаше договорот со Грција“.

Но, како што пишува швајцарскиот весник, „Заев ниту дома не успеа да ги исполни политичките очекувања“. Неговата изборна победа од 2017 година не се сметаше само за раскинување со зовриениот национализам на претходната влада на Никола Груевски од ВМРО, туку и како бунт против распространетата корупција“.

„Навистина“, продолжува циришкиот весник, „владата на Заев набрзо ги започна првите реформи. Груевски беше осуден и успеа да ја избегне казната само со спектакуларно бегство во Унгарија. Во принцип, Северна Македонија сè уште се издвојува како позитивен пример во еден сѐ поавтократски регион. Сепак, набрзо се појавија сомнежи дали новата влада навистина може да ги реши далекусежните проблеми на владеењето на правото. Дури и шефот на специјалното обвинителство, поддржан од Заев, стана предмет на корупциски скандал во 2019 година“.

„Ное цирхер цајтунг“ потсетува дека „сомнежи се предизвикани и од обидите за притисок врз пратениците пред гласањето за промена на името. Не исчезнаа ни задкулисните аранжмани и клиентелизмот. Минатата година, северна Македонија падна на 111-то место на ранг-листата на ‘Транспаренси интернешенел’, што е најлоша оценка што земјата некогаш ја добила во оваа област“.

Дополнително, има лошо владеење за време на пандемијата: „Вакцинирањето започна доцна затоа што земјата, за разлика од нејзиниот голем сосед, Србија, целосно се потпираше на ЕУ и доцна ги доби вакцините“, пишува авторот на текстот Фолкер Пабст.

Берлинскиот „Тагесцајтунг“ ги коментираше настаните во Северна Македонија од страна на неговиот новинар Ерих Ратфелдер: „Чесно е да се каже дека поднесе оставка некој што се обиде сè да ја модернизира, демократизира и реформира својата земја. Социјалдемократот Зоран Заев е еден од ретките балкански политичари кој сериозно ја насочи својата земја на патот на интеграцијата во Европската унија. Но, за возврат, тој доби премалку поддршка“.

„На Заев не му успеа, популарноста му се намалуваше. Дополнително, неговиот претходник Груевски се обиде да влијае на кампањата за локалните избори, со поголеми суми пари и со поддршка од Унгарија. Социјалдемократите изгубија на изборите, а Заев си поднесе оставка. Но, кој го познава знае дека ќе продолжи да се бори“, вели германскиот новинар.