Германски медиуми: „Ѓоковиќ и Белград иритираат“


Учесниците на егзебицискиот тениски турнир во Белград

Многу критички реакции во германските медиуми за почетокот на тенискиот „Адрија тур“. Најмногу внимание предизвика забавата по турнирот одржана во еден белградски диско-клуб

 

Угледниот минхенски весник „Зидојче цајтунг“ го критикува во својот осврт првиот дел од тенискиот турнир „Адрија тур“, што се одржа во Белград. Според мислењето на авторот, сосема е неодговорно, во време кога целиот свет се обидува да се справи со епидемијата на корона вирусот, трибините во тенискиот центар „Новак“ да бидат полни со гледачи, а по мечевите раздраганите играчи се гушкаат едни со други и целосно ги игнорираа сите хигиенски мерки на социјално дистанцирање. Покрај тоа, на социјалните мрежи се појавија и снимки на забава организирана со многу учесници по натпреварите.

„Ѓоковиќ на речиси циничен начин ја побива својата улога како модел што некогаш го дефинираше за Си-ен-ен: ‘Постојат голем број спортисти кои не разбираат во колкава мерка влијае нивниот глас. Таа моќ може да биде позитивно насочена’. Или не, како што беше случај сега. Неговите егзибициски натпревари како дел од ‘Адрија тур’, кои беа проследени со бранови ‘Ла Оле’, кога поради смртоносниот вирус беа откажани сите спортски настани, во секој случај испраќаат погрешни сигнали“, пишува коментаторот на „Зидојче цајтунг“.

Тој предупредува дека вирусот сè уште е тука, меѓу нас, и дека социјалното растојание е сè уште најдобрата мерка за заштита. Постои голема опасност фановите на Ѓоковиќ да го имитираат неговиот пример, а со таква неодговорност и невнимание, започна пандемијата, пишува германскиот весник.

Покрај тоа, според коментаторот, настапот на Ѓоковиќ е фарса наспроти оние кои очајно се обидуваат да ги обезбедат условите за продолжување на тениските натпревари. „Неговото однесување директно ги загрозува интересите на спортот што тој, всушност, треба да го претставува. Ѓоковиќ е претседател на АТП-играчи-совет, односно портпарол на играчите. Неговите колеги се надеваат дека повторно ќе го започнат гранслем-турнирот кон крајот на август во Њујорк. Ѓоковиќ се спротивставува на тоа: тој сериозно смета дека хигиенските мерки се прекумерни. Ако не беше толку сериозна работа во игра, само можеше да се смееме на тоа“, заклучува текстот на „Зидојче цајтунг“.

Пријателска прегратка на Домик Тим и Новак Ѓоковиќ наспроти правилата за социјално дистанцирање

Со насловот „Ѓоковиќ и Белград иритираат“ критички се осврнува на почетокот на „Адрија тур“ и австрискиот весник „Салцбургер нахрихтен“. „Некои љубители на тенисот не можеа да им веруваат на очите кога ги видоа сликите од Белград. Полн стадион, без хигиенски мерки и тениски sвезди кои се гушкаат. Сепак, сè беше според правилата, затоа што од 1 јуни во Србија не се применуваат ограничувања, но дали тоа беше навистина потребно? Може ли овој спектакл инициран од Новак Ѓоковиќ да стане сцена за јавни провокации?“, прашува коментаторот. Тој потенцира дека ова не е првпат најдобриот светски тенисер да добие критики за неговите изјави со кои го намалува ризикот од корона вирусот. Цитирана е неговата изјава за луѓе кои, со моќта на молитвата, ја претвораат отровната вода во вода со голема лековита моќ. „Свесен за влијанието на неговите изјави, Ѓоковиќ тогаш ја призна грешката: ‘Понекогаш кажувам нешто, а потоа сфаќам (…) дека не требаше да го сторам тоа на тој начин’. Ѓоковиќ иритира“, заклучува коментаторот на весникот „Салцбургер нахрихтен“.

Во сличен тон се и освртите во другите медиуми на германски јазик. На пример, списанието „Фокус“ го насловува својот текст со „Тениските sвезди се журкаат на забава и ги игнорираат вирусните правила“, додека спортскиот портал sport1.de дури зборува за „скандалозна забава со Зверев и компанија“. Сите овие коментари наведуваат дека самиот турнир, односно однесувањето на тенисерите на теренот со ракувања и прегратки, биле иритирачки, но тие ја видоа забавата по натпреварите во белградски диско-клуб како особено проблематична – тогаш никакви правила на социјално дистанцирање не се почитуваа.

Коментаторите, исто така, посочуваат дека ваквите искуства со „Адрија тур“, кој ќе се пресели во Задар после Белград овој викенд, би можеле негативно да влијаат на напорите на тенискиот свет за рестартирање на АТП натпреварите на крајот на август со турнирот во Њујорк. Според досегашните најави, многу е веројатно дека турнирот ќе се одржи, но со строги хигиенски мерки, карантин и без гледачи. Покрај тоа, професионалните тимови на тенисерите треба радикално да се намалат.

Ѓоковиќ не е воодушевен од плановите за одржување на турнирот под овие услови. „Ќе биде тешко. Би било величенствено ако имаме можност да играме. Но, не верувам дека ќе има голем број играчи кои ќе се чувствуваат удобно во тие услови“, го цитира списанието „Фокус“ најдобриот светски тенисер. (Дојче веле)